Категории

Истражи ја Крива Паланка – Поврзи се со природата – Запознајте ги богатствата кои градот ги нуди (Дел 1)

Крива Паланка е град во североисточниот дел на Република Северна Македонија, сместен во областа Славиште, под падините на Осоговските Планини на двата брега на Крива Река.

Името на градот Крива Паланка доаѓа од кривото корито на Крива Река. Поранешното име на градот било Егри Дере, што на турски јазик значи „крива река“. Подоцна, зборот „Паланка“ го заменил турскиот збор „дере“.

Градот е еден од помладите градови во државата. Градот бил формиран од Турците, поточно од Бајрам-паша и градот имал важност како воен и одбранбен центар. Тој центар имал за цел да го зајакне тој регион на Македонија. Основањето на градот е забележано во турските документи од 1043 година по муслимански календар или по стандардното христијанско броење во 1633 година. Тој документ, поточно плоча, се чувала на влезот во тврдината и била испишана со арапска азбука. Подоцна плочата се пренела во џамијата што се наоѓала во центарот на градот. Денеска оригиналната плоча се чува во Музејот на Македонија, додека копија од неа се наоѓа во Градскиот музеј во Крива Паланка.

Крива Паланка изобилува со многу богатства и убавини кои вреди да се посетат.

Дојдете, уживајте и уверете се во уникатноста и духовноста што ви ја нуди манастирот СВ Јоаким Осоговски со неговата испосница, црквата СВ Никола, градскиот музеј со неговите историски поставки како и прекрасната пешачка патека која нуди уникатен поглед на градот.

Во продолжение запознајте се поблиску за историјатот на овие туристички атракции кои Крива Паланка ги нуди:

Манастирски комплекс “СВ Јоаким Осоговски”

Основан е во XII век, кога оваа област се наоѓала во состав на Византиското Царство, во време на владеењето на царот Манојло Комнин (1143-1180). Манастирскиот комплекс е лоциран на околу 3 километри источно од Крива Паланка во месноста Сарандопор.

Распослан на падините на осоговието, опкружен со бујна вегетација, столетни букови и дабови дрва, бројни извори на вода, на околината се шири поглед со живоописни пејсажи, во секое годишно време приказна за себе, место кое исполнува со мир, спокојство и позитивна енергија.

Интересно е и тоа што пред влезот на манастирот е поставено обележје испратено директно од турскиот султан, кое означува дека манастирот е свето место и под заштита на султанот. Тоа според преданијата ја претставува почитта на турската власт спрема чудотворната моќ на Свети Јоаким, што претставува вистински раритет.

Манастирот СВ Јоаким Осоговски е еден од најзначајните и најпосетуваните туристички места во Македонија.

Пешачко рекреативна патека “Стара вада”

Изградбата на овој објект се лоцира некаде кон средината на 19 век и е непосредно врзана за изграбата на градската црква „Св. Великомаченик Димитриј“. Според народното предание, отоманските  власти дозволиле изграба на црква во Кр.Паланка со димензии не поголема од „биволска кожа“. Меѓутоа, ктиторот Давид Јереј, син на Јоаким Крчовски, ги надитрил властите така што ја исекол кожата во форма на конец кој ги обиколувал во опфат темелите и изградил многу поголема црква. По ова властите се налутиле, а Давид Јереј бил уапсен, одведен во Скопје и таму затворен.

Давид Хереј, подоцна, бил ослободен од страна на поранешен локален заптија кој бил на служба во Скопје и кој се заложил пред властите за негово ослободување, а условот бил затвореникот да направи добро дело од општа полза за градот.

Давид Јереј го прифатил овој услов, така што на негова иницијатива и по негов план бил изграден канал со проточна вода од с.Дурачка Река до Крива Паланка (таканаречената Стара вада која постои и ден денес), a која била од исклучително значење за понaтамошниот развој на градот.

Изградбата на пешачката патека овој локалитет полека го претвора во нова туристичка атракција, позиционирана на високата периферија на градот, со можности за прошетка, одмор, рекреација, уживање и неповторлива глетка на Крива Паланка.

 Локална Установа ГРАДСКИ МУЗЕЈ-КРИВА ПАЛАНКА

Зградата во која е сместен ЛУ Градски музеј – Крива Паланка датира од 1926/27 година и е еден од најстарите објекти во градот. Музејот на градот Крива Паланка е основан 2011 година од страна на општината и има статус на локална институција.  Комплексниот карактер на музејот се согледува во тематиката на студиската музеолошка обработка, а тоа се: етнологија, археологија, историја, нумизматика, историја на уметност и техничка култура на кривопаланечкиот крај. Во целост збирката на музејот има околу 2 500 предмети.

Во музејот се наоѓаат Етнолошка, Историска и Археолошка поставка.

Приказната наречена „Културно наследство на Кривопаланечко“ започнува со Етнолошката поставка која се состои од селски(рурален) дел и староградски дел, и кој го одсликува животот во градот на крајот на 19-ти и првата половина на 20 век.

Историската поставка како збирка е поставена уште во 2006 година, додека Археолошката поставка е поставена во март 2013 година во која со артефакти се претставени археолошките локалитети во Кривопаланечко.

Во склоп на музејот се наоѓа Сувенирницата која располага со богат асортиман на артикли кои го отсликуваат културното наследство на Крива Паланка и Македонија.

Црква „Свети Никола“

Селото Трново се наоѓа на 15 километри североисточно од Крива Паланка на околу 1000 метри надморска височина.Селото претставува попатна станица, бидејки низ него минувал стар/антички патен правец кон исток, (Бугарија), а постојат и индиции дека во атарот на селото постојат остатоци од римска населба кои се сеуште неистражени.

Црквата „Свети Никола“ која се наоѓа во ова село е манастирска црква од типот на еднокорабни градби, со полукружна апсида и покрив на две води.

Во науката се присутни дилеми во однос на годината на градењето. Имено, постарите проучувачи се определуваат за 1505 година, додека со поновите истражувања е поставена тезата за 1605 како година на градење на црквата.

На западната страна е дограден затворен трем со два влеза, а на јужната страна се наоѓа отворен трем. Внатрешноста на црквата е обликувана со централен распоред, кој во горниот дел завршува со полуобличест свод.

Од живописот во црквата како повпечатливи можат да се издвојат, фреската со Раѓањето Христово, фреската на Св. Никола со евангелие во рака, и фреската со претстава на локалниот анахорет Свети Јоаким Сарандопорски (Осоговски).

Во непосредна близина на црквата се наоѓа парохискиот дом, опремен со ресторан и  услови за сместување на гости.

Испосница на Свети Јоаким Осоговски во с.Градец, Крива Паланка

Испосницата на Свети Јоаким Осоговски се наоѓа во атарот на село Градец на околу 7 километри северно од Крива Паланка. Според легендата, на ова место на аскетски живот се подвигувал нашиот светец Јоаким Осоговски, пред да се премести во месноста викана Бабин Дол, каде што денеска се наоѓа неговиот манастир. Денеска овој локалитет претставува уредена дестинација за посета на туристи и пригодно место за организација на културни активности во природа.

Сето ова идеално се вклопува во амбиелталниот простор, а во подножјето на врвот „Расовец“, како и археолошките локалитети Клепало и Градиште (место на кое според преданијата се наоѓал античкиот град  според кој селото го добило името, а денес сеуште постојат остатоци од разрушени ѕидини и грнчарија кои се предмет на постојани истражувања)

Овој локалитет е со остатоци од доцна антика и среден век и сеуште е недоволно и нецелосно истражен. Во непосредна близина на испосничката пештера се наоѓа Црквата „Свети Никола“ од 19 век, а во нејзина непосредна близина е старото селско училиште , кое денеска е целосно реновирано и адаптирано за сместување на туристи.

Повелете, Крива Паланка ве очекува!

 

Истражи ја Крива Паланка – Поврзи се со природата – Запознајте ги богатствата кои градот ги нуди (Дел 2)  

Истражи ја Крива Паланка – Поврзи се со природата – Запознајте ги богатствата кои градот ги нуди (Дел 3)

 

Оваа публикација е финансирана од страна на Делегацијата на ЕУ во Косово* во рамки на  ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Косово и Северна Македонија