Драги мајки, пуштете ги децата да дишат! Да, добро читате – се замолуваат мајките чии деца имаат преку 25 години да ги пуштат да дишат! Вие можеби мислите дека се грижите, дека ги насочувате, и дека знаете како вашето дете треба да постапи во одредена ситуација, но всушност вие го гушите тоа „дете“.
Вашето „дете“ е возрасна личност во чии години сигурно сте имале барем едно дете. Вашето чедо, кое секогаш го доживувате како бебе, ќе има свое бебе за кое ќе се грижите. На таа возраст би требало да има работа. Треба да има мозок кој работи 24/7, за да преживее во нашата држава.
Вашите постојани приговори – Треба да се ожениш! Или треба да ја работиш таа работа! Или така треба да изгледа твојот партнер! Или треба да ги трошиш парите на тоа и тоа – задржете ги за себе. Да, вие сте го родиле тоа дете, сте го доеле, сте се грижеле за него, сте го школувале. Престанете во вашата глава да чувствувате апсолустичка моќ. Тоа е само во вашата глава.
Неверојатно е колку сте подготвени да го наметнете своето мислење, својот личен став, без да размислите дали навистина вашето дете го сака тоа? Сметате дека тоа мора да прави онака како што ќе му кажете, бидејќи вашите години и животно искуство ви го дозволуваат тоа. Вие знаете најдобро. Малку ќе нападнете, па ако се спротиставува, ќе се повлечете и ќе пуштите солза и ќе ја изговорите познатата реченица – Животот ти го посветив, а ти вака ми враќаш?
Сѐ ова наведено е класична емотивна уцена и манипулација. Се поставува прашањето дали навистина сте среќни кога ќе победите во оваа игра или барате нови, потешки предизвици за оваа тактика повторно да вроди со плод?
Пред некое време слушнав исповед од една жена која има шест деца, сите се возрасни, омажени и оженети. Вели – ќерка ми не ми се јавува. Па тажно го спушта погледот кон земја. Ја запрашав – Дали ви недостига? – Секако, одвај чекам да ја видам, одговара тажно. Па зошто не и се јавите, можеби има премногу обврски и не стига да се јави, но сигурна сум дека мисли на вас.
Одеднаш жената станува лута. – Јас да и се јавам? Не ми паѓа на памет, јас сум и мајка, не таа мене, таа треба да ми се јави. Сфаќам за каква мајка станува збор. Таа и е мајка. Трпеливо ќе го чека нејзиниот повик. И уште потрпеливо ќе прераскажува како не и се јавува и со нетрпение ја очекува, но да го направи првиот чекор и да му се јави на своето дете, гордоста не и дозволува.
Драги мајки, сакани сте. Доволно е само да ги прашате своите деца:
– Како си? Како се децата? Дали си задоволен? Многу сакам да те видам. Поминав низ сѐ ова што ти се случува сега. Ако ти биде потребна помош или совет, тука сум. И потоа гледајте го своето дете, долго, додека помогнете му колку што можете, но не носете одлуки наместо него.
И бидете свесни дека честопати ќе ви се враќа, одвај ќе чека да ве види, сигурно ќе добиете можност да го изнесете својот став на одредена тема, бидејќи никој не избегал од добар совет и мир. Доброто секогаш се враќа со добро.