Овогодинешниот Таксират број 21, започнува со шестата ПИН Музичка конференција и шоукејс фестивал, која ќе се одржи од 28-ми до 30-ти ноември во МКЦ. На 1-ви декември не очекува првиот соло концерт на скопскиот рапер ЛД Пистолеро во МКЦ, а на истата локација за 5-ти декември е закажана LP (винил) и концертна промоција на музичкиот проект на Мугер Фугер и Горан Трајкоски, насловен „Во ова време“. Традиционалниот избор на најдобар демо изведувач Лузер Фест, со осум нови бендови, е на 6-ти декември во МКЦ.
На главната вечер на ова 21-во издание на Таксират, на 7-ми декември, во полн состав се приклучуваат и Суперхикс – синоним за добар провод и забава, повеќе пати прогласувани за група, хитови и концерт на годината.
Истата вечер на главната сцена ќе застане и хрватскиот рапер и стиховен еквилибрист, Андрија Вујевиќ, алијас Војко В, кој ги исмеа сите и имаше неверојатно успешна година: грабна три награди Порин (за најдобар албум и за најдобар клубски албум „Војко“, и за најдобар видео спот „Не може“) и се претвори во најангажиран изведувач во регионов.
Покрај Суперхикс и Војко В, во листата на изведувачи за главната вечер на Таксират 21 веќе се запишани и британските драмендбејс супернови Chase & Status, хрватските легенди Хладно пиво, шведските поп ѕвезди Peter Bjorn and John, култните Београдски синдикат, а втората фестивалска бина ќе биде отстапена на супер-собирот на најголемите трап артисти од домашната и регионална сцена: Клинац, Prince$$ Donatsu, Buntai, Донплеја, Kuku$ Klan, Секси Марса, Бон Праскиза, 30Zona.
Легендарниот андерграунд техно диџеј и поп суперѕвезда, Свен Ват, од многумина нарекуван и таткото на рејверските афтерпартиња доаѓа ексклузивно од Амстердам за да ја изведе својата магија со целовечерен сет на 8-ми декември, во СЦ Борис Трајковски за заокружување на ТАКСИРАТ 21. „Папа Свен“ е визионер и перфекционист кој го смени текот на електронската музика. Магионичар кој повеќе од 35 години ја изведува својата илузија исклучиво на грамофони.