Категории

Коби Брајант и Паоло Коелјо работеле заедно на создавање на нова детска книга која нема да биде објавена

Веста за трагичната смрт на Коби Брајант, неговата ќерка и останатиот дел од патниците во хеликоптерот предизвика голема тага кај луѓето низ целиот свет. Коби беше повеќе од кошаркар, тој беше идолот на нашето детство, еден од најдобрите спортисти, а пред сѐ сопруг и татко на четири ќерки.

Многумина не знаат дека по неговото пензионирање од професионалната кошаркарска кариера тој работеше напорно на различни проекти, доби и Оскар за неговиот краток анимиран филм „Драга кошарко“, а и дополнително ја создаде неговата мултимедијална продукциска компанија „Гранити студиос“, која создаваше книги и филмови наменети за мотивирање млади спортист(к)и да го достигнат нивниот целосен потенцијал.

Тој, во соработка со Весли Кинг, имаше објавено три книги за деца/млади. Покрај тоа, тој ја имаше објавено и автобиографијата „Менталитетот Мамба: Како играм“. Во поглед на пронаоѓањето на неговата страст во пишувањето, тој кажал: „Најдобар начин да научиш некого нешто, не е преку попување, туку преку споделување приказни.“

Бразилскиот автор на голем број бестселери Паоло Коелјо објави дека со Брајант, кој бил голем обожавател на неговата книга „Алхемичарот“, работеле заедно на книга за деца, но дека ќе ја избрише, бидејќи „книгата ја изгубила својата смисла“.

Тој напиша: „Ти беше повеќе од одличен играч, драг Коби Брајант. Јас научив многу во мојата интеракција со тебе. Веднаш ќе го избришам ракописот, оваа книга ја изгуби својата смисла.“

Коелјо објаснил дека Коби сакал неговата книга да биде пример за сиромашните деца, да им покаже дека може да ги надминат проблемите преку спортот.

„Некој ден, можеби ќе напишам книга за работите кои ги научив од Коби и за неговото огромно срце. Но, детската книга повеќе нема смисла“, додал Коелјо.

Прегледи:
892
Објавено на:
29.01.2020