Категории

Се ближи 8-ми март: Дали го знаете значењето на бојата на розите?

Секоја боја на цветот има симболична порака

Розите се секако најомилените цвеќиња кои се подаруваат на драгите личности. Ти се симбол на љубов и благодарност, прекрасно мирисаат, убаво изгледаат, а ги има во различни бои од кои секоја има своја порака. Илјада години наназад, розите ги инспирирале луѓето од нивните бои да го развијат скриениот јазик на симболични пораки.

Дали некогаш сте размислувале зошто некој ви подарил розова, а не на пример, портокалова роза? Како се одбира бојата на розата и дали тој избор упатува скриена порака? Ви ги прикажуваме значењата кои се поврзуваат со различните бои на розите

Црвена

Црвените рози се симбол на љубов и романтика, а означуваат убавина и совршенство. Букет од 12 црвени рози претставува идеален начин на одбраната личност да и ги покажете своите чувства. Симболизирајќи ја вистинската и силна љубов која е посилна и од трњата, црвената роза е позната и како роза на љубовта. Најубав поклон за св. Валентин или пак годишнина од бракот, црвената роза асоцира и на голема страст. Исто така, подарувањето црвени рози може да значи и признание за нечиј успех и почит спрема личноста.

Бела

Белата боја е боја на чистота, невиност и  понизност. Се поврзува со венчавки и брак кои означуваат нов почеток. Исто така, белата роза е симбол на верност и почитување.

Испраќа порака на верност и покажува чисти намери, а букетот со бели рози често се купува како знак на поздрав и сеќавање на некого.

Жолта

Жолтите рози означуваат богатство, бујност и изобилство. Во викторијанското време биле симбол на љубомора, а денес означуваат пријателство. Силна, жолтата боја како сонце го буди чувството на топлина и среќа. Идеална е за покажување радост, приврзаност и пријателство.

Розова

Симболизира женственост, елеганција, отменост, префинетост, а често се поклонува како израз на восхитеност. Розовата роза покажува благодарност и среќа и има понежно значење отколку што е црвената боја.

Розовата боја се појавува во повеќе нијанси, од посветли до темни.

Портокалова

Топлите, вибрирачки тонови на портокаловите рози симболизираат ентузијазам и сакање. Совршени се за покажување обожување и привлечност, со скриена порака за страст и возбудувања.

Боја на праска

Нежната боја на праска покажува благодарност, признание и почит. Често се поклонува како израз на симпатија.

Боја на лаванда

Необичната боја на лаванда е совршен симбол на одушевеност и фасцинираност. Со ова боја искажува и љубов на прв поглед.

Сина

Розите кои не постојат во природата означуваат недостижно и неможно.

Црна

Црната боја на розата е всушност изразено темно црвена боја. Најтемната боја симболизира смрт и простување со некого, последен поздрав. Но црна роза може да искаже и позитивна порака за ново раѓање и нови почетоци.

Прегледи:
1399
Објавено на:
28.02.2020