Категории

Девојка го раскажува своето искуство за условите во државниот карантин: „Го започнувам мојот прв ден. Се надевам дека сме сите здрави“

Сања Тошеска го раскажува своето искуство за сместувањто во државниот карантин откако пристигнала во нашата земја од Базел. За тоа како изгледало нејзиното сместување и какви се условите ви пренесуваме преку нејзиниот фејсбук статус:


„Не се спремив за 1 Април, за дома се спремив…
Драма во 4 чина.

Ги прифатив условите за државен карантин со силната желба да сум дома (и пред целава ситуација требаше да дојдам периодов) и тргнав.

Чин аеродром Базел 14:30ч:
Ни рекоа да бидеме на аеродромот во Базел во 14:30ч бидејќи авионот ќе биде во 17:30ч (ова го земав со доза на резерва поучена од претходните летови кои ги вратија изминативе денови). Стигнав на аеродромот Облечена како на сликата подолу и покрај сите исмевања по дома и моментот дека претерувам. Бев единствен “телетабис”, но ведбаш сфатив дека не претерувам. Редицата за оставање на багажот и земање на билетот беше предолга и (не)нормално луѓето еден преку друг стуткани мислиш нема да полетаат. Застанав малку оддалечена и се трудев да држам дистанца. Нормално дека беше залудно тоа, кога буквално ми дишеа во врат (и повторно бев сигурна дека не згрешив со мојот АУТФИТ ! ), добро луѓе нема да останеме…
Го земав билетот и се упатив нагоре заедно со една девојка која штотуку ја запознав. Летот беше одложен за 18:15 па летнавме во 19:30ч. Немаше нервоза бидејќи беше очекувано нели.

Чин авион 19:30ч:
Се сеќавам во четврто одделение кога одевме на екскурзија и пеевме и правевме лудории низ автобусот… Е сега во време на вонредна состојба каде сериозноста на работава е на високо ниво, повторно се навратив на тоа четврто одделение кое до вчера изгледаше далеку. Од шетање низ авионот, до невкусни обраќања кон авионскиот персонал до муабет како да се сместат по тројца во соба бидејќи им било важно за некоја работа (тука не би продолжувала од срам, оставам на вашата 18+ фантазија да размисли на што алудирам), седејќи на првото седиште си потврдив дека сум имала среќа со местото.

Чин аеродром Скопје 21:25ч:
Слетавме. По огромниот аплауз како на последната тројка на Илиевски за влез во четврт финале на Еуро баскетот во Литванија, стујардесата ја објасни процедурата откако ги собраа потпишаните изјави за согласност со правилата. Чекаме во авионот да читаат автобус по автобус и ќе тргаме некаде. Настана општ хаос поради пропуст каде луѓе од исти фамилии беа делени по различни автобуси (некои за различни места). И покрај тоа што беше кажано дека ќе може да се заменат веднаш чим ќе влезат во автобусите, луѓето САКАА САМО ДА ПРАШААТ, па направија веднаш гужва во предниот дел.
Ме прочитаа за еден од автобусите, случајно наслушнав дека одам за Маврово и се упатив да си го најдам куферот. Се сместив во претходно дезинфицираниот автобус каде на секое седиште имаше оставено вода, смоки и кроасан и чекавме.
Сега веќе 23:30ч, шоферот видно изнервиран дека се трае долго, конечно тргна следејќи го полицискиот конвој.

Чин Маврово нешто околу 01:30ч:
Два автобуси бевме дојдени. Додека чекавме првиот да го сместат, седевме во нашиот автобус. После одредено време почнаа да распоредуваат. Наеднаш рекоа по 3-4 во соба… Јас дојдов сама и знаев дека ќе бидам со уште некој, но не со 3-4… Тоа е, ги прифатив правилата и мора… Останавме 6 жени и решија да не поделат по три. Беше околу 03:00ч кога ме упатија да бидам во соба со повозрасна жена и нејзината внука. Жената почна да прави огромна сцена, да вика и негодува како јас ќе сум била со неа и со внука и, а не ме ни знаела. Не знаеше ни самата колку ми е и мене страв со некој непознат, страв од себе бидејќи не знам дали имам нешто и покрај постојано чување, како и страв од другата личност. По урлањето кое навистина не и доликуваше и покрај смиреноста на полициските службеници кои и рекоа дека сабајле ќе го решат случајот (беше околу 3:30..) јас побарав да ме остават во лобито заедно со полицијата доколку нема соба друга до сабајлево па да видиме каде ќе бидам (не сакав жената да ми префрла цела ноќ и да ме малтретира). Ме сместија во друга соба со уште една жена, фина е.
Собите се студени (веројатно треба време да се стоплат), но истите се чисти и не се мали.

Како што забележувате, и покрај сите напори да нештата бидат организирани (со одредени помали и поголеми пропусти), менталитетот на луѓето (што од страв, умор и паника, што од примитивизам) не се менува.

Се надевам дека сме сите здрави.

Го започнувам мојот прв ден во државен карантин.
Со лесно на сите.
Дома сме“.

Прегледи:
523
Објавено на:
01.04.2020