Новата книга „Пандемија“ на контроверзниот словенечки философ Славој Жижек ќе биде онлајн промовирана на 23 јули (четврток) во 19 часот на фејсбук-страницата на „Литература.мк“. Ќе може да се погледне разговорот помеѓу авторот и уредникот на изданието Филип Видиновски, каде пред сè ќе може да се слушнат ставовите на Жижек врзани за тоа како ситуацијата низ која минуваме ќе го смени светот и глобалната економија. Поднасловот на „Пандемија“ е „Ковид-19 го тресе светот“ и делото
преведено на македонски јазик е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.
‒ Делата на Жижек се протегаат од Хегел до Бетмен преку анализи на актуелните светски состојби па сè до комплетно сериозни осврти во разликите на дизајнот на веце-школките во европските земји. Напишал безброј колумни за најтиражните светски списанија, редовно се појавува на најпознатите светски телевизии, неговите јавни предавања ширум светот речиси без исклучок предизвикуваат огромен интерес. Жижек напиша нова книга „Пандемија – Ковид-19 го тресе светот“, а ние во издавачката куќа „Арс Ламина“ ја издаваме на македонски јазик. Оваа книга, иако кратка, нуди зачудувачки јасна перспектива за новата светска ситуација, што инаку е тешко видлива поради медиумскиот шум – објаснува уредникот Видиновски.
Жижек е роден во 1949 година и во доменот на неговиот интерес се философијата, психоанализата, културологијата, филмската критика и политичката теорија. Во 1989 година ја пишува првата книга на англиски јазик која го става на светската писателска мапа и оттогаш има издадено десетици дела и есеи. Неговата книга „Пандемија“ веќе е достапна во сите книжарници
„Литература.мк“, а може да се купи ионлајн на интернет-страницата www.literatura.mk