Категории

Жена која пати од опсесивно компулсивно растројство кажува како е да се живее со оваа состојба

Опсесивно-компулсивното растројство не е шега, иако многумина го сметаат за така. 

Многу луѓе ја миноризираат сериозноста на опсесивно-компулсивното растројство (ОКР). Мислат дека само затоа што сакаат да им бидат работите убаво подредени или само затоа што имаат одредени рутински навики, имаат ОКР и се шегуваат за тоа. Но, тоа се само организирани личности, ништо повеќе од тоа. Кога некој ќе види фотографија од нееднакво наредени цигли и ќе напише: „Моето ОКР го мрази оа“, луѓето кои навистина имаат ОКР се чувствуваат како споредни актери во нивниот живот. Бидејќи, растројството им е главна преокупација и тегоба во животот, и навистина е невкусно да се споредува со малата нелагодност која перфексионистите ја доживуваат ако видат нееднакво подредени работи.

Твитер корисничката @shiraisinspired напиша точно што значи да се живее со ОКР, а ние го преведовме текстот. Прочитајте ја нејзината исповед подоле.

Ќе започнам искрено: ОКР е за никаде. Дефинитивно е најлошото нешто што ми се има случено. Не им го посакувам ни на најлошите непријатели. Ова го мислам искрено.
Интрузивните мисли се кошмар. ОКР интрузивна мисла е константа опсесија која провоцира анксиозност. Тоа е како да ви се заглави песна во главата, но наместо песна, ова е касета со сите ваши најлоши стравови, на repeat.
Овие мисли се его-дистонични, што значи дека не се во согласност со Вашите вредности. „Што ако по грешка си го отрујам цело семејство?“ „Што ако го земам овој нож и го забодам во грбот на мојот партнер?“ „Што ако се фрлам во ендек со колата?“
Фактот што се его-дистонични значи дека се престрашни да ги споделите со било кој. Бидејќи, што ако ве сфатат сериозно? Што ако ги помешаат вашите стравови со легитимни вредности или намери? Престрашно е.
Компулсиите се компулсивни обиди да се отстраните од интрузивните мисли. На пример: Се плашам да не се разболам, па ќе ги измијам рацете. Но, компулсиите само го прават ОКР уште полошо. Тогаш, зошто ги правиме? Бидејќи ОКР е катастрофално растројство.
Тоа е магепсан круг, и ужасно е. Компулсиите моментално Ви ја олеснуваат анксиозноста, но мислите се враќаат и секогаш се полоши. Па, ќе направите уште една компулсија. И анксиозноста ќе се врати уште полоша. Итн, итн, итн…
Претешко е да се сокрие ОКР во јавност, особено ако имате очигледни компулсии како тропање или трепкање. Знаете дека хипотетички би можеле да прекинете, но реално не можете. Преризично е. Па, наоѓате начини да ги маскирате компулсиите. Измислувате изговори.
И измислувањето изговори е преморувачко. Се’ е преморувачко: опсесиите и компулсиите и криењето и стравот од осудување. И, бидејќи е толку тешко да се отворите за ОКР симпромите, некои луѓе поминуваат недијагностицирани со децении.
Станувате депресивни. Колку поголем дел од животот ви завзема ОКР, толку подепресивни сте. Бидејќи го поминувате цел ден на компулсии и опсесии, и не си го живеете животот. И тоа ве уништува.
Поентата на оваа исповед не е да ве заплаши, туку да ве едуцира. Бидејќи, да се чува менталната болест во себе е тешко, но стигмата може да направи уште потешко за некого да се отвори.
Знаете ли колку е тешко да соберете храброст и конечно да кажете дека имате ОКР, за на крај да ви речат: „А, па сите сме по малку ОКР“? Ужасно е. И можноста за миноризирање ги обесхрабрува луѓето да се отворат.
ОКР не е слатко. Не е интересно. ОКР не е Моника од Пријатели. Не е „најзадоволителни видео компилации“. Не е организираност. ОКР не е од помош, не му служи никому и не му треба никому.
Ако ги чувствувате овие симптоми, не сте сами и не сте скршени.


Некои луѓе вратија со согласност и го надополнија овој текст:

„Мојата најнова опсесија е тоа што иако зборот сам се автокорегира, мора да се вратам да го напишам точно, или некој што го сакам ќе умре. Се’ одзема толку долго за да се направи“ – @lillybaik

„Како дете имав многу тешко ОКР. На пример, ако не ја отворев и затворев вратата од колата толку пати колку што требаше, за да ја „погодам“, бев преплашена дека ќе се отвори и некој ќе падне и ќе умре. Секогаш кога ќе слушнам некој кој ќе каже: „Леле, многу сум ОКР“ ми доаѓа да му удрам шамар – @EllynDorward

„Баш „си ги сакам“ повторувачките интрузивни мисли за то да се задавам себеси како на филмот Пила. Ама, нели, тоа не е слатко, па никаде во популарната култура не е споменато.“ – @voidcrittermon

„Се’ би направила да се оттргнам од интрузивните мисли. Ми влијаат врз се’ што правам. Се’ се претвара во кошмар во мојата глава. „Што ако влезам во продавница и се сопнам на скалата и си ја расцепам главата?“ „Не ми враќа на пораката? Сигурно е мртва!“ – @weekwah

Наравоучение: Не ги романтизирајте менталните растројства. Не помага никому и само е навредливо кон лицата кои навистина патат од нив.