Категории

Книга на неделата: „СТЕПСКИОТ ВОЛК“ – Херман Хесе

Во Степскиот волк (1927) Хесе продолжува со развивање на темата за фаустовската двојност на личноста на главниот јунак. Хари Халер немилосрдно е раскинуван меѓу две спротивности: конвенционалниот живот исполнет со мир, ред и спокојство, од една страна, и нагоните кои од искона живеат во единката и сакаат да ги уништат вештачки создадените конформистички норми во животот, од друга страна. Тоа е револт против малограѓанското самозадоволство, против просечноста без подлабоки амбиции и повисоки цели.

Според Хесе, секој човек во себе носи две личности: едната способна да се радува и да биде среќна, а втората секогаш готова да си го загорчува животот и да страда. А сето тоа постои истовремено, едно до друго, се вплетува и се судрува онака како што во Хари Халер се судрува човекот со волкот. Тој расчекор помеѓу она што природата од самиот постанок му го подарила на човекот и неговото секојдневие, кое го уништува најубавото во човекот, е симболизиран низ степскиот волк – животно заталкано во туѓа средина која е неприфатлива за него.

Болната отуѓеност и подвоеноста меѓу човек и животно својот спас го наоѓа во создавањето на безброј психолошки личности. Создавајќи од самиот себе театар, Хари Халер излезот го наоѓа во хуморот. Сфаќајќи ја апсурдноста на животот, единката го наоѓа патот до хуманоста, а со тоа и патот на својата душевна преродба.

Прегледи:
924
Објавено на:
30.09.2020