Името Христос е превод на еврејското Месија, што значи Помазаник. Овој Помазаник, овој Христос, на луѓето им беше ветен уште од времето на Адам. За него пророкуваа многу еврејски пророци, а неговата појава во тоа време ја очекуваа и многу други народи. Пророците го прорекоа како времето кога ќе се роди, така и местото Витлеем. Во тоа мало гратче во Јудеја, денешен Израел, се роди Исус, наречен Христос, т.е. Помазаник, и тој беше исполнување на пророштвата. Подоцна се откри и стана позната низ целиот свет надумната тајна на неговата богочовечка личност. Исус Христос на човештвото му ја даде силата и власта да ги победи гревот и смртта. Заради тоа Христа го нарекуваме спасител. Уште повеќе, влегувањето на Бога во историјата значеше почеток на откривањето на сите тајни и на радоста на вечниот живот.
Денеска е Божик за христијаните кои се придржуваат на Јулијанскиот календар, а тоа се Македонската православна црква, Српската, Руската, Грузиската, Вселенската, Ерусалимската, Антиохиската и Александриската патријаршија. Божик е ден кога христијаните го одбележуваат раѓањето на Спасителот – синот Божји Исус Христос. Овој датум првпат се споменува како празник во 336 година, во еден римски календар. До 16. век сите христијани Божик го славеа истиот ден, а по 1582 година со прифаќањето на Грегоријанскиот календар од страна на Ватикан, се појавија разлики. Првите векови во православните и протестантските земји се држеа според стариот календар, кој подоцна постапно се менуваше. На Божик, православните Македонци се поздравуваат со зборовите „Христос се роди“, на што одговараат „Вистина се роди“.