Сите ние сме на некој начин трагачи по среќата. Ја пронаоѓаме на различни места: во пријателството; во семејството; во професијата; во богатството; во моќта; во малите животни радости и задоволства; во луксузот; во насмевките; во убавиот сончев ден; во забавата; во правењето на добри дела и помагањето на другите; во читањето на добри книги; во играта; во танцувањето низ животот… Местото каде ја бараме и пронаоѓаме среќата зависи од тоа на кои душевни и духовни меридијани им припаѓаме. Сепак, ретко кој се прашува што е тоа вистинска среќа. А уште поретко го поставува прашањето: која е цената што треба да се плати за среќата и дали само среќата треба да биде императивот на нашиот живот – Сонцето околу кое треба да се движат планетите – приоритети на нашиот духовен универзум?
Ако среќата треба да ја платиме по цена на губењето на внатрешниот мир и душата, тогаш среќата е само една илузија за која треба да платиме премногу висока цена. Од друга страна, среќата често пати е минлива и илузорна во споредба со другите духовни вредности како мирот, пријателството, љубовта, убавината, радоста и спокојството… Во овој случај најчесто мислиме на овоземната среќа во границите на овој материјален свет во кој владеат најчесто законите на нужноста, а не слободата. Среќата која е условена и зависи од исполнувањето на многу предуслови и ограничувачки фактори не е вистинско мерило за вредноста на животот. Таа подлежи на законите на нужноста, кои ја лимитираат нејзината вредност и ја сведуваат на најмала можна мера како нешто – случајно и минливо. Среќата која не зависи и не е условена од ограничувачките фактори и која не подлежи на закономерностите на материјалниот свет, е безусловна и трајна – произлегува од слободата и ја зголемува вредноста на животот, придонесувајќи за духовниот развој и животниот раст. Тоа е духовната среќа која секогаш е плод на еволуцијата на свеста.
Вистинската среќа е во духовноста како верба во моќта и силата на внатрешниот глас – совеста, кој нас нè води и насочува како компас на вистинската патека во животот. Среќата е во грижата за душата – за она што е најсвето и за она што го сочинува јадрото на нашите животи. Среќата во суштина значи пронаоѓање на внатрешниот – духовен мир во себеси. Тоа значи отворање на срцето кон Бога и разговор со Бога преку искрената молитва надвор од сите религиозни и општествено-политички детерминанти (кои само го заробуваат духот на поединецот). Среќата е како птицата Феникс: се раѓа повторно и повторно од “пепелта” на нашата свест, која еволуира во текот на животните искуства и предизвици кон нови и повисоки облици на Свеста.
Духовната среќа е единствениот вистински двигател кој ја придвижува нашата душа да се избори со сите животни предизвици. Другите видови среќа се илузорни и тие припаѓаат само во границите на овој минлив и менлив свет. Заради тоа само духовната среќа ја лекува душата и ни помага да ги пронајдеме изгубените патишта кон Изворот – Бог!