Со неа разговорите секогаш се инспиративни и со задоволство го следиме секој нејзин успех. Талентирана, амбициозна и ненаметлива, а сепак го привлекува вниманието околу себе со секој нејзин збор, со секоја мисла. Во ова издание на #365Среќа зборуваме со писателката Ксенија Николова.
1. Во тек е овогодинешниот Саем на книга, а дел од него се и твоите романи „Емотивен манипулатор“, „Сите мажи ја сакаат Лиа“ и „Незадоволна“. Колку те радуваат ваквите настани и дружењето со вљубениците во пишаниот збор?
Да, на штандот на Култура можат да се најдат моите последни три романи во нивно издание, а јас на 12.09 во недела ќе гостувам на саемот и ќе потпишам примероци за читателите. Ме радуваат вакви настани, посакувам да ги има почесто и да бидат уште подобро организирани.
2. Пандемијата донесе големи промени кај луѓето како врз физичкото и менталното здравје, така и на професионално поле. Дали пишувањето ти помогна да избегаш од секојдневјето и да го искористиш овој период за создавање нови дела?
Мене одамна не ми е потребно да избегам од секојдневјето, завршив со таа фаза од мојот живот и среќна сум поради тоа. Секојдневјето е мојата реалност која јас ја прифаќам и ја разубавувам со мојата уметност. Изобилува со инспирација секој ден, а јас сум благодарна што научив како да ги доживувам нештата и луѓето на сосема друга фрекфенција. Инаку да, во сржта на пандемијата излезе мојот последен роман „Незадоволна“.
3. Навраќајќи се на сите твои досегашни романи, дали преку нив го гледаш своето созревање?
Апсолутно, тие се мои најголеми лекции, и да се вратам назад, не би можела пак да ги напишам. Тие бележат едно мое време и една личност која јас повеќе не сум, а драго ми е што е така. Растењето е толку многу важно, што е неверојатно тажно кога не се случува.
4. Неодамна објави дека англиската верзија на твојот роман „Сите мажи ја сакаат Лиа“ се најде на 127-то место во категоријата „среќа“ на Амазон . Колку си горда на овој голем успех?
Морам да ви кажам дека вие сте единствен медиум кој го забележа овој факт и ме праша за истиот. Ви благодарам за тоа. Не е мала работа тоа што неодамна се случи во мојата книжевна кариера и интересно е тоа како фокусот на медиумите (секоја чест на исклучоците) е некако насочен на други нешта. За моја среќа, јас одамна сфатив дека аплаузот за еден вистински уметник не е значаен, но секако дека е охрабрувачки. Затоа, мојот фокус е насочен само кон мојата работа и кон сопственото растење, а преводот на англиски и пласирање на романот на интернационален пазар е резултат токму на тоа. Одиме понатаму, со чисти мисли и срце полно емпатија.
5. Веруваш ли во среќен крај?
Верувај среќа без крај, во разни форми, во разни фази и со разно значење. Важно е да ја пронајдеш среќата во себе, и да не се чудиш ако таа постојано се менува, тоа значи дека таа го следи твоето темпо. Растеш ти, расте и твојата среќа.
6. Што можеме да очекуваме од тебе во следниов период?
Многу нешта. Оваа година беше навистина многу значајна за мојата кариера и наскоро ќе откријам уште многу убави вести кои сега ги чувам за себе. Јас тивко си ја плетам својата приказна, можеби затоа таа навистина зборува самата за себе, бидејќи додека се создава – молчиме.
Фото: Ерина Богоева