Категории

#365среќа Анѓела Јакимовска: „Среќа е да го пронајдеш она што го бараш, а кога ќе го пронајдеш да го негуваш“

Од неодамна популарната ТВ емисија Бекстејџ го збогати својот тим со ново ТВ лице – младата и убава Анѓела Јакимовска. Таа е вистинско освежување на малите екрани, а за нејзините успеси, амбиции и размислувања околу македонската естрада, разговаравме во ова издание на #365среќа.

1. Која е всушност Анѓела Јакимовска приватно и дали повеќе се пронаоѓаш во светот на модата или во водителските води?

Приватно се трудам да бидам добра сестра, тетка, пријателка, ќерка, а сум и голем верник. Сакам да им го правам на другите она што сакам да ми го прават на мене. А на прашањето каде повеќе се пронаоѓам во светот на модата или водителските води е исто како да прашувате родител кое од двете деца го сака повеќе. Ќе се обидам да бидам модерна водителка, бидејќи нели нема добра храна без добар зачин. Двете професии ми се посебно драги и мислам дека не би можела да работам друга професија со истиот интензитет и посветеност како кон овие две.

2. Која е твојата дефиниција за убавина?

Терминот убавина е широк поим, постојат многу облици на убавина. Од физички аспект убава жена за мене е негувана жена којашто се сака себе си и честопати знае да каже не на она што не и се допаѓа! Убавината е во различноста, нема потреба од клонирање, дрвјата се различни убава е шумата! Морам да признаам дека во последно време се повеќе ја детектирам содржината кај луѓето, па истата субјективно ми влијае на физичката убавина. Како и да е, убавината е во очите на набљудувачот, ти си она што ти се допаѓа!

3. Велат секој почеток е тежок. Како изгледаа твоите почетоци во модниот свет и со кој успех најмногу се гордееш?

Јас својата манекенска кариера ја започнав уште на 16 години тука во Македонија. Велат прво стани човек во својата земја, а потоа надвор, но кај мене беше обратно. Одреден период во животот студирав на Економскиот Факултет во Сплит, Хрватска и таму започнав соработка со модна агенција којашто ме научи на основите на модниот свет и како да успеам во истиот. Сплит е град по големина речиси како Скопје, а јас бев ново лице таму и им бев интересна. Хрватските модни агенти честопати знаеа да ни кажат: „Ima da jedete samo zeleno!“, а на мене како Македонка ми забранија да јадам ајвар бидејќи бил калоричен.

Агенцијата пред да ме ангажира ме покани на една модна ревија во Сплит, таму присуствуваа многу нивни јавни личности почнуваајќи од пејачи, новинари од Слободна Далмација, манекенки и мисици. Додека присуствував на ревијата како нивен гостин, забележав дека сопственикот на модната агенција со поглед бараше мислење за мене од останатите, а случајно забележав потврдно климање со главата на еден од присутните, така знаев дека ќе бидам ангажирана.

Потоа работев модни ревии за хрватски дизајнери, а исто така за прв пат бев во жири комисија на изборот за убавина „Најдобар модел на Далмација“. Потоа се вратив во Скопје. Иако досега многупати ја претставував нашата држава на избори за Мис низ Кина, Камбоџа, Бејрут итн. и освоив многу круни, најзначаен ми е успехот којшто го постигнав на Модниот Викенд во Софија каде што во соработка со Роберт Граматиков влегов во модната историја како прва Македонка којашто била ангажирана на Моден викенд во Софија.

4. Среќата ја наоѓаме насекаде околу нас во различни форми и облици. Што е за тебе среќа?

Среќа е да чувствуваш радост кога си сам со себе и да пиеш кафе во тишина и хармнонија. Да се чувствуваш добро во сопствената кожа и да ја следиш сопствената визија и тоа е среќа. Среќа е да не ѕиркаш со завист во туѓите животи бидејќи еден ист чевел некому му е мал, некому точен, а некому голем, да се чекори удобно во сопствените чевли и тоа е среќа. Среќа е да го пронајдеш она што го бараш, а кога ќе го пронајдеш да го негуваш! А најголема среќа е да ги правите другите среќни, бидејќи човекот само по делата се памети.

5. Водителка си на популарната емисија Бекстејџ. Како изгледа еден твој работен ден и колку се отворени естрадните ѕвезди кај нас за соработка?

Јас сум родена во понеденик во 8 часот наутро, така што од почеток се знаело дека многу ќе работам. Секој мој работен ден изгледа работно, со голем број на обврски. Освен водителка јас сум и новинарка, но и банкарка, така што освен со информации тргувам и со пари. Работата во Бекстејџ ми е повеќе одмор отколку замор, бидејќи искрено ја сакам оваа работа и кога работам заборавам на времето. Ние како тим го препознаваме квалитетот во другите, будно следиме настани, славиме туѓи успеси, понекогаш шириме хумор, а понекогаш критикуваме па веројатно затоа со години го успешно ја одржуваме гледаноста на на нашата емисија.

Впрочем, без медиуми нема слава. Секој наш прилог трае цели 5 минути, а сите знаеме колку низ животот со ентузијазам ги чекаме своите 5 минути! Кога се 5-те минути во прашање лесно е за соработка и со регионалните и со нашите ѕвезди.

6. Кои се твоите планови за во иднина и што може да очекуваме од тебе на професионално поле?

Никогаш не сакам да ги планирам нештата, бидејќи многу ретко настаните се одвиваат според планот. Изминатиов период се запишав на Постдипломски студии на секторот Менаџмент на Човечки Ресурси на Универзитетот за Туризам и менаџмент, а одработив и неколку реклами за Универзитетот. За моите дополнителни ангажмани, нека зборуваат делата, тие се најгласни.

Прегледи:
683
Објавено на:
19.10.2021