Категории

Промоција на книгата “Ловро Матачиќ” од Ана Видиќ во НОБ

Националната опера и балет и Филхармонија на РСМ на 4 ноември 2021 година (четврток) во 13.00 часот, во Фоајето на Национална опера и балет ќе одржи промоција на книгата “Ловро Матачиќ” од Ана Видиќ.

Ловро Матачиќ (1899-1985), претставува еден од водечките европски диригенти на XX век. Соработува со најдобрите оркестри и оперски куќи: како Берлинската филхармонија, Државната опера во Виена, Државната опера во Дрезден, Миланската скала, Прашката филхармонија, Фестшпилхаус во Бајројт и др. Во текот на целиот свој живот Матачиќ постојано учел, не само од областа на музиката туку и од другите уметности, а како диригент бил опишуван дека имал неисцрпна енергија, аналитичен дух, длабока мисловна сила, но и едноставност во пристапот на работа.

Освен неговата исклучителна богата интернационална кариера, Матачиќ е еден од клучните личности во втемелувањето на македонската современа музичка култура преку неговата работа во првите години од делувањето на Операта и Филхармонијата во периодот од 1948 до 1953 г. Во овој период во Операта се поставуваат 15 опери, а со филхармонијата Матачиќ диригира и покомплексни дела како „Фауст Симфонија “, од Ф. Лист, „Песни за мртвите деца “, од Г. Малер. Подоцна и во 1960-тите и 1970-тите години Матачиќ повторно гостува на скопската концертна сцена. Неговиот удел за македонската музика е не колективно и индивидуално ниво затоа што освен што работел во подобрувањето на професионалниот институционален музички живот, Матачиќ делувал мотивирачки, инспиративно врз професионалната определба на тогаш младите ученици Томислав Зографски и Александар Лековски.

Монографијата на авторката и музиколог Ана Видиќ е двојазична на хрватски и на англиски јазик што е одличен избор заради интернационалната кариера на Матачиќ. Видиќ се одлучува за наративен хронолошки приказ на животниот пат на Матачиќ. Оваа книга е достапна и за стручната јавност, но и за широката публика заради пристапноста, наративноста во претставувањето на навистина интересниот живот на Матачиќ почнувајќи од неговото членство во хорот на Виенските момчиња, првите настапи, двете светски војни, престојот во затвор, па се до светските концертни сцени, пријателствата со диригентите Херберт фон Карајан и Вилхелм Фуртвенглер.

Илустрацијата на книгата е исто така интересна, која ни ја дополнува визуелно кариерата на Матачиќ преку приватни фотографии од неговото семејство, со колеги, концертни фотографии, плакати од разни концерти од Виена, Загреб, Милано, Скопје и др.

Издавач на книгата е Фондацијата Ловро и Лили Матачиќ од Загреб. Промотери на книгата се: д-р Јулијана Папазова (музиколог) и Јосип Налис (генерален секретар на Фондацијата Ловро и Лили Матачиќ).

Реализација на промоцијата:
Директор на Национална опера и балет: м-р Васо Ристов
Раководител на одделение за маркетинг: Благоја Петковски
Раководител на одделение за документација: Един Личина
Надворешен соработник: Мирко Стефановски