Категории

Денес го одбележуваме Светскиот ден на предвремено родените деца

Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје денеска ќе го одбележи 17 Ноември – Светскиот ден на предвреме родените бебиња.

Раѓањето на дете кое започнува пред 37-мата гестациска недела се смета за предвремено раѓање.  Дали знаевте дека секое десетто дете е предвремено родено?

Овие најмали, а воедно најголеми борци честопати се соочуваат со одредени здравствени проблеми уште при самото раѓање и недоволно развиени органски системи и посебно се осетливи.

Периодот непосредно по раѓањето е обременет со потешкотии во дишењето, кардиоваскуларниот систем, имунитетот, исхраната. Како последица на незрелоста на сите органски системи, во перидот непосредно по раѓање се соочуваме со респираторен дистрес, со можни компликации од типот на пнеумоторакс, пулмонална (белодробна) хеморагија-крвавење, ателектеза, мозочни хеморагии, жолтица, некротизирачки ентероколитис, тешки генерализирани сепси, менингит.

По тој повод министерот за здравство Венко Филипче и директорката на Универзитетската клиника Викторија Јовановска ќе ги презентираат најновите статистички податоци за бројот на предвреме родените новороденчиња, процентот на смртност, како и достигнувањата направени изминатата година.

„Предвремено родените бебиња се големи борци, а наша обврска е да обезбедиме најдобра грижа за нивниот нормален раст и развој.
Од 2016 година до денес, смртноста кај предвремено родените бебиња е намалена од 25% на 8,9%, односно за цели 16,1%. Работиме посветено овој процент да продолжи да се намалува, преку инвестирање во најсовремена опрема, обезбедување најдобри услови, обуки и едукација на лекарите и медицинскиот персонал кој се грижи за овие наши мали борци. Здравјето на нашите деца е секогаш врвен приоритет.
На денот на предвреме новородените деца, сакам да порачам дека навремените прегледи и грижата за сопственото здравје на трудниците се клучот за стабилна бременост и зачувување на здравјето на бебињата. Министерството ќе продолжи да вложува и да го унапредува одделот за Гинекологија и акушерство со цел врвна услуга, многу спасени млади животи и европски стандарди во македонското здравство“, вели министерот за здравство Венко Филипче.