Категории

#365среќа Ирина Дишовска: „Нескротливиот дух и потребата за слобода ги изразувам преку планинарењето“

Храбра, решителна, нескротлива и секогаш подготвена за нови предизвици. Планинарката Ирина Дишовска е вистинска инспирација кога станува збор за освојувањето и љубовта кон планините. За нејзините досегашни успеси, за среќата која ја носи овој спорт, како и за идните планови, разговараме во ова издание на #365среќа.

1. Кога се роди твојата љубов кон планинарството?

Љубовта кон планинарењето се роди уште пред 15 години, додека живеев во мојот роден град Тетово. Тогаш и започнав со искачувања на некои Шарпланински врвови. Меѓутоа морам да потенцирам дека уште од најрана возраст кога немав училишни обврски слободното време го поминував надвор. А најмногу им се радував на викендашките излети со семејството, кои најчесто беа во планина.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Irina Dishovska (@irinadisho)


2. Пред извесно време успеа да го искачиш врвот Ама Даблам на Хималаите кој претставува еден од најголемите предизвици за сите планинари. Колку време се подготвуваше за овој подвиг и колку си горда на овој успех?

За овој предизвик се подготвував буквално цела година. Некаде во септември месец 2020 година, по предлог на мојот партнер во ова искачување, Лазе, се согласивме дека следната качувачка сезона ќе се упатиме кон Хималаите, и ќе се обидеме да го искачиме Ама Даблам. Веднаш по оваа одлука започнаа тренинзите, кои воопшто не беа лесни. Имав тренинзи со планинарење, качување карпи, возење долги стази со велосипед, но и тренинзи за одредена група на мускули кои ги вежбав во теретана со персонален тренер.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Irina Dishovska (@irinadisho)


3. Досега имаш искачено многу врвови на различни локации ширум светот. Дали некогаш си била исплашена за својот живот во одредена ситуација при искачувањето?

Сум била исплашена за својот живот на симнување од врвот Казбек, највисок врв во Грузија кој е висок 5.047 мнв. На симнување од овој врв, некаде на половина пат има преминување над отворен ледник, кој што постојано ја менува својата конфигурација.

Тоа значи дека движењето на ледникот кон врвот нагоре, и надолу, не се одвива по иста линија, поради отворените леднички процепи кои во текот на денот се шират доволно да може човек да пропадне во нив. Отворените процепи најчесто не се видливи доколку наврне нов слој на снег. Ми се случи да пропаднам во еден ваков процеп. Имав голема среќа што буквално за неколку секунди се извлеков, но тоа ми остави длабока траума за мојот однос кон ледниците.

Во суштина, од тогаш до ден денес јас сум многу внимателна кога преминувам преку ледници. Чувството додека сум на ледник не ми е воопшто пријатно.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Irina Dishovska (@irinadisho)


4. Да се одлучиш да се занимаваш со ваков спорт нема сомнеж дека треба да си храбра личност со нескротлив дух, со голема потреба за слобода и адреналин. Дали си таква и приватно надвор од спортот?

Да, дефинитивно. Јас многу често наидувам на коментари од моите драги наставници, професори, постари семејни пријатели итн дека се сеќаваат на мене уште како мала, сум била дете со нескротлив карактер. Таа карактерна особина, темперамент и воопшто потребата за слобода, најубаво ги изразувам преку планинарењето. Особено преку адреналинско искачување на некои од потешките врвови.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Irina Dishovska (@irinadisho)


5. Среќата секој од нас ја доживува и дефинира на различен начин. Што е за тебе среќа?

Не сакам да филозофирам, но за мене е среќа тоа што воопшто живеам. Познавам луѓе кои постојат, но не живеат. Среќни сме да сме здрави, да имаме кров над глава, да не почувствуваме глад и да бидеме благодарни за секој нов ден. Најмногу од сѐ ме прави среќна кога помагам на некого во било кој поглед. Среќна сум кога добивам пораки дека сум нечија мотивација и поттик за да станат од кревет и да спортуваат. Сметам дека и најмала помош, па дури и само насмевка, може на другиот да му го промени расположението и денот кон подобро.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Irina Dishovska (@irinadisho)


6. Кои се твоите идни планови и дали веќе имаш следна зацртана цел за освојување?

Имам планови за иднината, се разбира. Веќе во 2022 сакам повторно да се упатам кон Хималајскиот масив, овој пат би сакала да искачам врв во Пакистан. Врвот е веќе зацртан во мојата глава, потребно е само да добијам помош од спонзорства и од Федерација за планинарски спортови на Македонија во поглед на финансискиот дел, и веќе во мај би требало да започнам со реализација на планот. Се работи за врв над 8.000 метри, ќе го искачувам без користење на кислород, па посакајте ми среќа.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Irina Dishovska (@irinadisho)

Прегледи:
1561
Објавено на:
13.12.2021