Категории

7 причини зашто е добро да се игра шах

“Chess, like love, like music, has the power to make men happy.” – Siegbert Tarrasch

Шахот е древна стратегиска игра која ги влече своите корени уште од 7миот век a нејзиното оригинално потекло е од Индија. На почетокот оваа игра била позната под називот чатуранга која на санскритски означува ‘четири девизии’. Правилата на играта биле поразлични од денешните и изминало некое време пред шахот да ја добие денешната форма и правила на игра.

Денес шахот веќе е прогласен за спортска игра, се огранизираат многу натпревари и турнири каде шаховски великани, но и аматери ги одмеруваат своите сили на шаховската табла. Шахот дури и е застапен во некои од училиштата и е предвиден како дел од наставната програма. Зошто е добро да се игра шах и кои се предностите кои оваа игра ги носи прочитајте во продолжение.

  1. Шахот ја подобрува меморијата

Шахот бара од вас да запаметите голем број шаховски варијанти, отворања, партии, а самото тоа ја активира и вежба вашата меморија. Ако се направи споредба помеѓу луѓето кои играат шах и оние кои воопшто не играат тогаш би се согледало дека првиве имаат доста понапредна меморија и можат полесно да се сетат на работите кои само еднаш ги виделе или слушнале.

  1. Шахот ја зголемува креативноста

Шахот бара од вас да бидете инвентивни, да смислите добар план со кој ќе го нападнете вашиот противник а тоа ве потикнува да бидете креативни и да ја користите повеќе вашата имагинација. Самото тоа се одразува позитивно и на сите други полиња од вашиот живот кои бараат да бидете креативни.

  1. Шахот го зголемува коефициентот на интелигенција

Научни истражувања потврдуваат дека децата кои од рана возраст ќе научат и ќе почнат да играат шах развиваат повисока интелигенција во споредба со оние кои не знаат да играт шах. Играњето шах исто така позитивно се одразува врз математиката, читањето, учењето јазик и практикувањето некоја уметност.

  1. Шахот превенира појава на Алцхајмерова болест

Една студија напревена во 2019 година потврдила дека луѓето над 75 години кои се склони кон умствени игри меѓу кои и шахот имаат помала веројатност да разивјат деменција отколку оние кои не играат шах.

5. Шахот ги учи луѓето како да се справат со победа и пораз

Шахот ги учи луѓето, особено децата кои ќе почнат од најрана возраст да играат, да прифатат пораз и да се радуваат на победа, односно, го учи детето како да се справи со пораз и победа. Исто така, шахот го учи детето дека и не е толку страшно да се изгуби бидејќи и поразите се дел од процесот на учење. Токму како што тоа го склопил познатиот шаховски играч Капаблака “ Повеќе можеш да научиш од партиите кои си ги изгубил отколку од оние што си ги добил. Треба да изгубиш илјадници партии пред да станеш добар играч.”

  1. Шахот ја подобрува способноста за планирање

Една од клучните особини на шахот е планирањето а под тоа се мисли на осмислување добар план за напад или одбрана во ситуации кога тоа се бара. Со самото тоа луѓето кои играат шах кога во животот ќе се сретнат со работи кои бараат план полесно би се справиле со тоа за разлика од оние кои не играат шах.

  1. Играњето шах е забавно

Самата шаховска игра е интересна и смислувањето стратегија и план за игра е забавно. Со шахот времето се исполнува на забавен, креативен начин. Никогаш не е здодевно бидејќи партијата никогаш не се повторува, секогаш е различна со милиони можни комбинации.

Прегледи:
810
Објавено на:
19.04.2022