Категории

Марија Спасовска: „Ој, Вардаре македонски“ е моја омилена песна, зашто сум најголем фан на ВАРДАР!

„Ој, Вардаре македонски“ е една од оние песни кои будат емоција уште со првите тактови. Таа е меѓу композициите кои остануваат трајно врежани во македонскиот музички код и песна која ќе остане како вистинско музичко ремек-дело кое ги разгалува срцата и душите на Македонците каде и да се.

Оригинално е отпеана од великанот Јонче Христовски, но оваа безвременска тема магично звучи и во интерпретација на Марија Спасовска, млада девојка која јавноста ја памети уште од „Поточиња“, мјузиклот „Тајно моја“, Детската Евровизија…

Среќна сум што сум дел од проектот Македонијо во срце те носиме, и со посебна радост ја прифатив поканата и идејата да ја отпеам оваа песна. „Ој, Вардаре македонски“ отсекогаш била моја желба, особено затоа што сум поранешен член на РК Вардар, но и нивен најголем фан. Со Николче имавме одлична соработка за време на снимањето и мислам дека заеднички успеавме да донесеме нов, свеж звук за оваа моќна песна која првенствено треба да им стане омилена на младите, односна на мојата генерација, вели Марија и додава дека би сакала да сними уште некоја ваква преработка, но ветува и нови музички проекти.

Желбата на Марија да пее за Вардар се остварува во рамките на проектот „Македонијо во срце те носиме“, за кој аранжманите ги спакува маестро Николче Мицевски, а видеата и комплетната реализација на проектот – составен од 12 композиции во изведба на 12 изведувачи, се со потписот на Скендеровски продукција. Во склоп на „Македонијо во срце те носиме“ јавноста уште ќе ги чуе и види и: Сузана Спасовска, Бојана Скендеровски, ДНК, Андријана Јаневска, Александар Тарабунов и Зуица Лазова.

 

Секоја песна на Јонче Христовски е македонска химна, а „Ој, Вардаре македонски“ е химна и на ФК Вардар, па сосема очекувано и Комитите се дел од видеото. Комитите го красат видеозаписот за оваа преработка, што воедно значи и дека целиот проект се вклучува во иницијативата за поддршка на најтрофејниот македонски фудбалски клуб.

Уживајте во изведбата на Марија и „Ој, Вардаре македонски“ и навивајте за нашата гордост – Вардар!

И не заборавајте дека кон крајот на летото публиката ќе има можност сите 12 песни да ги слушне и во живо, бидејќи предвиден е концертен караван кој под истото име ќе гостува во неколку македонски градови – да ја обоиме Македонија со најубавите звуци и да го зачуваме највредното – музичкиот аманет кои ни го оставиле генерациите пред нас.

 

Уживајте во гласот на Марија Спасовска и нејзината верзија на „Ој, Вардаре македонски“:

Прегледи:
279
Објавено на:
20.07.2023