Нашиот народ два пати го празнува споменот на Свети Атанасиј Велики. На 31 јануари се празнува празникот Свети Атанасиј или Танасовден зимен, а на 15 мај Свети Атанасиј Велики или Танасовден летен. Тој е заштитник на голем број македонски христијански семејства,а именден слават Атанас, Атанасија, Танас, Тане, Танаска, Насте…
Свети Атанасиј се роди во Александрија. Во младоста стекна солидно образование. Уште како млад, неговата ревност ја забележа архиепископот Александар, па кога потпорасна го зеде за свој личен секретар. Кога Александар се упокои на александриската катедра беше избран Атанасиј. Свети Атанасиј неколку пати беше прогонуван оттаму од еретиците и неколку пати се враќаше на катедрата. Учествувал на Првиот Вселенски собор и иако млад се истакнал со познавање на Светото писмо и со говорништвото. Неговите дискусии имале главна заслуга за победата против Ариевската ерес и биле содржани во заклучоците од Собирот, на кој биле осудени Ариевците. Со тоа си го навлекол врз себе гневот на Ариевците кои често го клеветеле кај царот. Но со својот углед и христијанскиот начин на живеење Свети Атанасиј секогаш успевал да се одбрани од овие клевети. Крајот на животот сепак го помина во својата црква во Александрија. Се упокои во 373 година. Само една година по Никејскиот собир бил поставен за архиепископ во Александрија и тука на архиепископскиот стол останал 46 години. Денес се слави заедно со свети Кирил Александриски (петтиот век), зашто и двајцата александријци во свое време излегоа во заштита на православието против аријанството и против несторијанството.