Жерард Пике се појави на денешната прес-конференција во пресрет на првиот дуел со Атлетико Мадрид во четвртфиналето на Лигата на шампионите, но покрај најавата за големата пресметка со тимот од шпанската престолнина, стоперот на Барселона не ја пропушти шансата да испрати нова провокација до лутиот ривал Реал Мадрид.
Пике спортски го поднесе саботниот пораз на „Ел Класико“ и порача дека Реал сосема заслужено ги освои трите бода, но денеска потенцираше дека на Барселона не и е потребна победа во големите дерби пресметки со Реал за да си ја спаси сезоната.
– На Барселона не и е потребна победа на „Ел Класико“ за да си ја спаси сезоната. Убедени сме дека ќе ја освоиме Примера, ќе направиме се за да стигнеме до финалето на Лигата на шампионите, а секако дека цел ни е и да го освоиме купот. Натпреварот кој е пред нас ќе биде многу потежок од оној во саботата. Атлетико е втор најдобар тим во Шпанија и знаеме што да очекуваме, – изјавил Пике во пресрет на утрешниот дуел кој ќе се одигра на „Камп Ноу“.