Категории

Зошто детето не сака да заспие

Многу деца тешко заспиваат навечер, па родителите испробуваат разни методи за да го сменат тоа. Што може да биде причината?

Ако не се во прашање физички проблеми, болести, колики и слично, најчесто причините за неспиење се од емоционална природа, и зависно од возраста на детето и моменталните емоционални потреби можеме да ги поделиме на две фази.

Неспиењето навечер во првите месеци е типично за многу бебиња и обично е проследено со повремено силно плачење. Тоа е нормално, бидејќи детскиот организам се уште нема воспоставено нормален ритам на адреналинот, кој го регулира будењето и спиењето. Потребно е бебето во текот на следните месеци полека да ја приспособува својата физиологија и природните физиолошки ритми со ритмите на мајката, со помош на силна поврзаност, блискост, многу допири и нормална зависност од мајката. Но, ако тоа е проследено со интензивно плачење, тогаш веројатно постои подлабока емоционална причина.

Децата многу се разликуваат во однесувањето зависно од сензибилноста со која се родени како и од искуството и доживувањето на самото породување. Сепак, во својата основа плачењето е најчесто предизвикано од неможноста бебето да се поврзе емоционално со мајката и да воспостави врска која не можеме да ја видиме, но можеме да ја почувствуваме, особено подоцна во партнерските односи. Способноста на воспоставување на таа поврзаност зависи од емоционалната отвореност на мајката, чиј потенцијал е одреден уште во нејзиното детство од искуството на поврзување со својата мајка.

Присутноста на мама

Ако бебето е пречекано од емоционално стабилна, отворена, среќна, посветена и присутна мајка, првото поврзување ќе биде успешно за бебето и тоа ќе се чувствува сигурно. Таквата мајка емоционално ќе го регулира, по потреба и смирува и теши бебето, па тоа ќе стекне доверба во мајката и во животот и постепено ќе почне полесно да заспива бидејќи ќе се чувствува сигурно. Недостигот на такво искуство со мајката резултира во тоа системот на детето да биде исполнет со страв. Не успева да се поврзе со мајката и да се почувствува сигурно, па единствено што му преостанува е преку плачењето да успее да се поврзе со мама и да добие емоционална регулација (утеха) од неа.

Поради тоа природата го опремила бебето со многу моќни гласни жици со иритирачки тон кои тешко се игнорираат. Но, многу родители тоа плачење и тој повик за помош се уште погрешно ги разбираат и сметаат дека детето со тоа ги манипулира и ги малтретира без причина. Идеите кои ни се познати – и за жал многу распространети – дека треба да го оставиме детето да плаче бидејќи така се зајакнуваат белите дробови, спаѓаат во медицински спорни точки и заблуди.

1 2 3

Прегледи:
2049
Објавено на:
17.05.2016