Секоја дамка би требало да се исчисти штом ќе се појави. Но тоа не е секогаш можно да се постигне, па често се случува да треба да се исчисти некоја стара дамка и веднаш да се посегнува по некое специјално средство или силен раствор.
Сите свежи дамки прво треба да се обидете да ги отстраните со обична вода, евентуално со додаток на слаб сапун или детергент.
Пред да почнете да отстранувате некоја дамка, редоследот на постапките е следниот:
• треба да се утврди видот на подлогата
• треба да се утврди од што настанала дамката
• доколку се чисти ткаенина, треба да се испита постојаноста на бојата
• изборот на најпогодното средство на чистење и отстранување на дамките
Методот на остранување на дамката пред сè зависи од видот на материјата од која настанала дамката:
1. Алкохол – инаку е познат како добро средство за отстранување на дамки, секако доколку станува збор за чист алкохол. Меѓутоа алкохолот во пијалоците, парфемите, лосионите итн. може да остави грди дамки на различни подлоги.
Свежата дамка од алкохол на дрвениот мебел треба веднаш да се отстрани со сува крпа или со впивачка хартија. Старата дамка прекријте ја со една лажичка смеса на талк и ленено масло, по што треба да се остави да се исуши, а подоцна да се пребрише со сува крпа.
Дамките на тапацираниот мебел отстранете ги на тој начин што ќе посипете сол која после ќе ја исчеткате со остра четка неколку минути по посипувањето на сол.
Дамките од црвено вино прелијте ги со малку ракија и оставете ги да се исушат.
2. Амонијак – претставува средство за чистење, но на ткаенините може да остави грди дамки кои веднаш треба да се отстранат. Бидејки е силно средство, амонијакот го нагризува и влакното и бојата. Ваквата дамка треба да се испере со млака вода. Дамката од амонијак на чуствителните ткаенини (на пр. свила или волна) може да се исчисти со натопување во разблажен раствор од лимонска киселина.
3. Апретура – тоа е постапка со која на кожата, крзното и ткаенините им се подобрува изгледот. Но при перењето апретурата може да остави дамки. Тие дамки можат да се отстранат со сунѓер кој е натопен во благ раствор на амонијак во вода, а веднаш потоа дамката истријте ја со алкохол. На крајот треба местата со дамките да се исперат со чиста вода.
4. Бело кафе – дамките од ткаенината треба да навлажнат со глицерин, а потоа да се исперат со вода. Стара дамка од бело кафе се чисти со разреден амонијак.
5. Боја – дамките од боја, било да се водени или маслени треба да се отстранат што е можно побрзо. Од дрвениот мебел треба да се отстранат со терпентин, а старите дамки со помош на загреано ленено масло со тапиот дел од ножот. Од кожата дамките отстранете ги со крпче натопено во алкохол.
Дамките од водени бои од ткаенините може да се отстранат на повеќе начини: може да ги натопите со ацетон, а кога тој ќе испари, исчистениот предмет треба да се испере. Ако дамката е на подебела ткаенина, треба да се премачка со ацетон и веднаш да се избрише со впивачка хартија. Во некои случаи доволно е да се подготви вода и детергент, па дамката да се измие со слаба сапуница, да се испере и да се остави да се суши.
Дамките од маслени бои се отстрануваат од ткаенините секогаш триејќи од рабовите на дамката кон средината, за да се спречи нивно проширување. Добро е под дамката да се подметне некоја крпа или впивачка хартија. Како средство за чистење употребете терпентин, а после него и бензин.
Старите дамки од бои се доста тврдокорни. Обично се вовлекуваат во структурата на ткаенината, па за чистење треба да потрошите повеќе време. Проверено средство за отстранување на тие дамки е калиумов, т.е. течен сапун кој треба да се остави за да на дамката делуваат еден до два дена за да ја омекне.
6. Чај – дамките од чај на бела постелнина треба да се истријат со студено млеко, а потоа постелнината треба да се испере на вообичаениот начин.
7. Јајца – дамките од свежи јајца пред чистењето треба да се измијат со свежа вода. Ако ткаенината не може да ја потопите, местото каде што е дамката треба да се истрие со сунѓер навлажнет во студена вода.
Дамките од јајца на памучни и ленени ткаенини треба да се прекријат со глицерин, а потоа да се отстрани дамката и глицеринот со детергент или со сол која претходно малку е навлажнета.
Од волната дамките од јајца се отстрануваат на тој начин што прво чекаме да се исушат, потоа се тријат и со помош на четка се обидуваме потполно да ги отстраниме. Ако и понатаму се гледа жолтеникав траг од дамката, натопете го крпчето во вода во која сте додале малку боракс и истријте ја дамката.
Дамката од јајца кај свилени ткаенини прво треба да се одмасти. За таа цел се употребува бензин. Исчистеното место на крај треба да се испере со вода.
8. Какао и кафе – Свежите дамки прелијте ги малку со студено млеко и веднаш исперете ги со студена вода во која сте ставиле малку детергент.
Дамките ќе исчезнат ако извалканиот дел од ткаенината го натегнете преку садот и пуштите врела вода врз дамките.
Постарите дамки од какао и кафе треба да се истријат со крпче натопено во смеса од 1/3 оцет и 2/3 млака вода.
9. Млеко – свежите дамки од млеко се отстрануваат со студена вода и посилен детергент.
Старите дамки од млеко можат да се отстранат со неколку средства: со детергент, со смеса на алкохол и етер, со разреден амонијак, или со смеса на еден дел на терпентин и 2 дела на лимунов сок.
Чувствителната свила извалкана со млеко исчистете ја на тој начин што секоја дамка ќе ја премачкате со глицерин (со мека четка), оставете глицеринот да впие, а потоа исперете го со млака вода.
10. Ликер – свежите дамки од ликер се отстрануваат со вода и со детергент, а старите со разблажен шпиритус.
Од свилата овие дамки се отстрануваат со благ раствор на амонијак или алкохол, но треба да се натопи само местото каде што е дамката.