Категории

Бред Пит на суд бара заедничко старателство над децата

Американскиот глумец Бред Пит бара судијата да му одобри заедничко старателство над шесте деца што ги има од бракот со глумицата Анџелина Џоли, од која се разведува, јави Асошиејтед пред повикувајќи се на документите за развод.

Барањето на Пит е вклучено во неговиот одговор, поднесен во петокот, на барањето за развод од Џоли, која бара и целосно физичко старателство над нивните шест деца.

Прашањето на старателството досега е најголемиот проблем во разводите на американските глумци.

Федералното биро за истраги (ФБИ) на крајот од септември соопшти дека почнало да собира информации за инцидентот во приватен авион кога Бред Пит наводно се однесувал насилно кон најмалку едно од нивните шест деца, кои се на возраст од 8 до 15 години.

Информациите за наводниот инцидент беа објавени во американските медиуми само неколку дена откако Џоли (41) поднесе барање за развод, објавија новинските агенции.

Џоли поднесе барање за развод од Пит (52) на 15 септември наведувајќи „непомирливи разлики“, според судските документи.

Таа побара целосно физичко старателство над нивните шест деца, со право Пит да ги посетува.

Џоли и Пит се венчаа во август 2014 година, а во врска беа 12 години.

Освен трите биолошки деца, Џоли и Пит имаат посвоени синови од Камбоџа и Виетнам, како и една ќерка донесена од Етиопија.

Прегледи:
422
Објавено на:
05.11.2016