Категории

Ангелското срце го испраќа благословот на љубовта како најмоќна (духовна) сила со која можеме да ја победиме и смртта

Љубовта е единственото и неотповикливо сведоштво за победата на Животот над смртта. Во овој минлив и менлив свет каде нештата се нетрајни и исчезнуваат, животот би бил ужасен, неподнослив и неснослив, ако не постои љубовта како заеднички духовен именител кој му дава на животот цврстина, моќ за опстојба и непокор и на кој се сведуваат сите антиномии на постоењето. Давајќи му свежина, жилавост и колоритност, љубовта го воздигнува и возвишува животот на повисоко рамниште на егзистенцијата. Љубовта е есенцијата на животот и смислата на постоењето.

Ние го имаме благословот за љубов како дар од Бога со кој можеме да се спротивставиме и да ја победиме и смртта. Бог нас нè благословил со дарот на љубовта – со способноста да сакаме силно, несебично и безусловно и на тој начин со моќта на срцето (во кое ја негуваме љубовта како исконска сила), да ја оствариме целта и смислата на постоењето – светот духовно да го преобразиме во добро место за манифестација на творечката моќ на Животот.

Несомнено, љубовта има сила и моќ да ги надмине сите ограничувања и да ги сруши сите бариери – граници што прават поделби во светот и создаваат непријателство меѓу живите суштества. Љубовта како духовен медиум постои во вечноста (и за вечноста). Таа ги надминува границите на просторот и времето – ги надминува границите на материјалниот свет. Во таа смисла љубовта е нешто повеќе од она „тесно“ конвенционално значење на љубовта (и сексот) кое се среќава во секојдневниот живот. Кога нашето срце се отвора кон дарот на љубовта и живее според духовните принципи на љубовта, тогаш ние ја премостуваме (со моќта на нашиот дух и со благоста на душата) – затвореноста во границите на овој илузорен свет, возвишувајќи ја својата егзистенција на повисоките нивоа на Постоењето.

Љубовта е духовна енергија која ја испраќаме како Порака кон светот и другите суштества. Таа е единствениот универзален јазик (на срцето), кој без исклучок го разбираат сите. Љубовта сплотува и измирува – соединува и помага да се надмине непријателството и отуѓеноста во светот. Таа има моќ да ги раскрши како од стакло сите заблуди, стереотипи и невистини кои му се сервираат на поединецот на “подавалникот” на општествената свест. Не, љубовта не е слепа! Љубовта гледа најјасно, најчисто и најбистро со духовните очи на срцето преку моќта на интуицијата. Разумот расчленува и анализира, ама тој е слеп за длабоките вистини на Животот, а љубовта ги гледа (преку моќната визија на срцето) нештата кои се скриваат од нашите очи, а кои се суштински за опстанокот на нашиот духовен универзум. Љубовта е мудрост – облик на мудрољубие како способност за духовна согледба под површината на нештата и продор до нивната суштина – до јадрото на нивното постоење.

Љубовта има моќ да ја победи и смртта – да го излекува срцето од болка и очај и да ги победи сите болести. Исцелителската (духовна) сила на љубовта не е од овој свет. Дарот на љубовта кој сме го примиле од Бога може да ни помогне да ја победиме смртта и да ја вратиме во Пандорината кутија (заедно со болестите и несреќите), ако ги раскинеме засекогаш оковите со “вистината” на илузијата. Тие го поробуваат нашиот дух и го затвораат во границите на светот во кој се уште е присутно злото кое ги менува своите облици – метаморфозира и после некое време се прифаќа – етаблира како нешто “нормално”, инкорпорирајќи се како елемент на традицијата. Кога ќе излеземе од навидум безизлезниот и маѓепсан круг на злото, отворајќи го срцето кон даровите на љубовта, тогаш ќе ја започнеме борбата за победата на Животот над смртта и ќе успееме со творечките сили на духот (и благоста на душата) да создадеме нов (храбар) свет кој ќе опстојува на високите духовни меридијани.

Текстот е посветен на Мими со ангелското срце…