Категории

Денес е светскиот ден на менталното здравје: Заедно во превенцијата од самоубиства!

На секои 40 секунди се случува по едно самоубиство. Светскиот ден на менталното здравје секоја година се одбележува на 10. октомври по иницијатива на Светската федерација за ментално здравје и со поддршка на Светската здравствена организација, во партнерство со министерствата за здравје и организациите на цивилното општество ширум светот. Оваа година одбележувањето на Светскиот ден на менталното здравје е посветен на превенцијата од самоубиства.


Клучни факти:

  • Секоја година, околу 800.000 луѓе си го одземаат животот, додека бројот на обиди за самоубиства е уште поголем. Секое самоубиство е трагедија која го погодува семејството, а влијанието врз заедницата и државата има долгорочен ефект.
  • Самоубиствата се случуваат во текот на целиот животен век и се втора по ред водечка причина за смрт на младите помеѓу 15 и 29 години на глобално ниво.
  • Во Македонија според Државниот завод за статистика, во 2018 година од вкупниот број случаи на насилна смрт, најголемо учество имаат несреќните случаи со 70.4 %, самоубиствата со 24.3 % и убиствата со 5.2 %.
  • 79% од самоубиствата се јавуваат во земјите со ниски и средни приходи.
  • Труење со пестициди, бесење и употреба на огнено оружје се најчестите методи за самоубиство ширум светот.

Превенција и контрола

Самоубиствата може да се спречат. Постојат низа мерки кои можат да се преземат на ниво на популацијата, групата и поединецот со цел спречување на самоубиствата и обидите од самоубиство.

  • намалување на пристапот на средствата кои се користат за самоубиство
  • одговорно медиумско известување
  • имплементација на стратешки документи со цел намалување на штетната употреба на алкохол, рана идентификација, лечење и нега на луѓе со ментални пореметувања и злоупотреба на психоактивни супстанци, лечење и нега на луѓе со ментални пореметувања, симптоми на хронична болка и акутни емоционални тегоби, трајна грижа за луѓето кои имале обид за самоубиство и давање поддршка во заедницата.

Што може да направите?

Доколку забележувате дека личноста која ја познавате пати, ако се посомневате дека губи волја за живот, разговарајте со неа. Потребно е да ѝ покажете дека не е сама. Поставете се во позицијата на таа личност и тоа ќе ви помогне да сфатите низ што поминува.

Бидете внимателен и непристрасен слушател. Не критикувајте, не морализирајте, не сожалувајте и не говорете што е најдобро да направите. Тоа може да ја затвори личноста и да ја оддалечи понатамошната комуникација. Важно е да покажете дека ја прифаќате личноста каква што е.

Реченици кои можат да помогнат во разговорот со личноста за која се грижите дека размислува за самоубиство:

„Ми се чини дека во последно време си тажен и несреќен“

„Како се чувствуваш?“

„Дали понекогаш ти се чини дека ти е толку тешко што никогаш нема да биде подобро?“

„Дали размислуваш за смрт?“

„Дали размислуваш за самоубиство?“

„Како би го направил/а тоа?“

„Кога би го направил/а тоа?“

„Дали би сакал/а некој да ти помогне да најдеш друг начин да излезеш од ситуацијата?“