Категории

Дојдов од провинција – Како Скопје ми го уништи животот?

Големите градови како да имаат личност – неверојатно влијаат на човекот, баш како што човекот знае да влијае на човекот. Знаат да ни ја променат личноста, вкусот, ставот, сфаќањето, да не измамат, казнат, наградат.

Скопје може да ве исцеди, искористи, а ако сте премеки и ни малку жилави – да ве шутне назад во матичната провинција, па што вие имате да барате во Скопје?

Иако во големиот град дојдов од друг град, а не село, за да ги испочитувам „родените скопјанки“ кои со своето локациско педигре се гордеат повеќе отколку со она што го имаат стекнато во животот, морам каде и да отидам да кажам дека сум провинцијалка за некој од нив да не се најде навреден.

Меѓутоа, вистината е дека од било кој град во Македонија да доаѓате во Скопје, секој ќе ви се чини сив, досаден, мрачен и тмурен во однос на убавината на Скопје која ќе ја затекнете.

Големите градови како да имаат личност – неверојатно влијаат на човекот, баш како што човекот знае да влијае на човекот. Знаат да ни ја променат личноста, вкусот, ставот, сфаќањето, да не измамат, казнат, наградат.

Дојдов во Скопје за да најдам работа. Успеав да најдам ужас, катастрофа, промискуитет, несреќа, незадоволство.

Драги провинцијалци и провинцијалки, еве зошто Скопје ќе ви го уништи животот…


(Не) морал

Неморалот е она што дефинитивно ќе ве уништи. Ако некој кој е вопситан добро, знае дека една двојка треба да функционира во моногамија, во тој случај Скопје ќе ве ишамари и ќе ве превоспита, или барем ќе проба да го направи тоа.

Во овој град, двојки кои искрено се сакаат и почитуваат речиси и да нема. Ретко кој влегува во моногамни врски, држење за рака, прошетка, запознавање со пријателите – такво нешто не постои овде. Понудата и побарувачката во овој град е нерамномерна – сите сме од некои други градови или села и сите ние си бараме свое место под сонцето.

Во Скопје љубовта ќе ја најдете онлајн. Ова е град во кој ќе ве повика на кафе, па „незабележително“ ќе проба да си ја вовлече раката под вашето здолниште, град во кој ќе ве повика на состанок, а потоа ќе ви рече да се соблечете.

Скопје е град во кој момчето за кое мислевте дека е само ваш затоа што излеговте неколку пати, всушност е на уште пет девојки. Ова не е град за фини и романтични луѓе.


Работа, понуда и побарувачкa

Секогаш постои онаа теза дека во поголем град е полесно да најдеш работа. Тоа е точно. И навистина, не треба да се срамите од тоа да работите било што, затоа што на тој начин си ги плаќате сметките и киријата.

Се со цел да се докажете ќе работите и за ситни пари по 10 часа дневно, па редовно ќе добивате нервни удари кога ќе слушнете на телевизија дека просечната плата во Македонија е 30 илјади денари. Скопје не го почитува просекот. Овој град ќе ве исцеди, измори, искористи, а ако сте меки и ниту малку жилави, ќе ве шутне назад во провинцијата од која и дојдовте.

Ако баш и сакате да останете, подгответе се на тоа да работите по 2-3-4 работи наеднаш за да можете да ги подмирите сите трошоци во текот на целиот месец и евентуално да си купите некое ново парче облека за зимава.

Нормално, сексуалното вознемирување на работното место е во склоп на работата, затоа што им се може. За среќа, ова не е својствено на секое работно место, но нека не ве чуди ако добиете отказ затоа што не сте сакале да одите на пијачка со газдата. Сè додека не се преселив во Скопје, мислев дека ова се случува само на филмовите.


(Не) пријателства

Скопје е, како и секоја старлета, злобен и лош. Ако овде можете да стекнете пријатели, вие сте прави среќници. Пријателствата кои траат во овој град се многу ретка појава. Градот е пребрз и никој нема време за емотивни продлабочувања.

Брзаме, трчаме, пропратно газиме по неколку лешови, па секој оди во својата канцеларија. Покажете дека сте способни – ќе ве мразат. Докажете дека сте способни – ќе ве запалат. Ако напредувате, ќе престанат да ви се јавуваат на телефон.

Но, затоа ако им се јавите и ги поканите во вашиот стан на пијачка бидејќи имате некое шише водка кое ви останало недопиено, веднаш ќе дотрчаат.

За некој кој доаѓа од провинција, каде системот на вредности е малку поразличен од овој скопскиот, пријателите за еднократна употреба се некоја потполно нејасна димензија.

Скопје – го сакавте, ете ви го!

Текс: Д.К.

Прегледи:
563
Објавено на:
19.02.2016