Девојка која ви покаже како таа го гледа градот, а тоа е страната на градот која ве тера да го сакате Скопје. Девојка чија прва љубов е портретот, а тоа така добро го прави. Девојка во чиј профил се кријат вистински уметнички дела. Тоа е @poison_grl.
Сите нешта што таа ги сака, претставени на нејзин својствен начин, се вистинско уживање за префинетото око. Затоа денес ја дознаваме подобро нејзината фотографска инстаграм приказна.
Портрети, архитектура, патувања и мачки….но која е Ерина?
„Ерина е дипломиран филолог, магистар по Филм, телевизија и екранска индустрија, а е фотограф веќе околу една деценија. Љубител на топло време, ладни кафиња, патувања, луѓе, храна и животни.“
Се чини дека секоја твоја фотографија пренесува некоја емоција, различни сегменти од животот и речиси секоја фотографија покажува некоја нежна страна, како што пишуваш во описот на твојот профил „нежната страна на скопскиот брутализам.“
„Тој опис ми го „дадоа“ во едно интервју во Окно пред некоја година и си го присвоив бидејќи мислам дека убаво ме опишува. Фотографијата е уметност, а за мене уметноста е убавина, а убавината ми е нежна и затоа веројатно така пристапувам кон фотографирањето. Мило ми е ако навистина тоа се гледа во моите фотографии.“
Дали е тоа пораката што сакаш да ја пренесеш со фотографија? Која е твојата инспирација?
„Секоја фотографија или проект фотографии имаат посебна порака, мислам. Може прикажувањето на убавината и нежноста да е некогаш пораката зад делата, но не секогаш. Инспирација таму наоѓам често, а некогаш инспирацијата ме наоѓа мене неочекувано. Некогаш и сама си ја правам. Зависи од денот веројатно.“
Портретите се често застапени на твојот профил, навистина на интересен начин знаеш да ги претставиш. Што најмногу сакаш да овековечиш со објективот?
„Портретите ми беа прв интерес, прва љубов и се’ уште ми се омилен предизвик. На тесно второ место е архитектурата (и патувањето како составен дел од неа), но нема ништо слично како врската која може да се воспостави меѓу двајца додека се фотографира. Тоа е комплетно природен хај и интимен момент кој е скапоцен.“
Вели дека најчесто користен за фотографирање и е телефонот „Тој ми е секогаш во џеб, но за фотосесии работам со апарат.“
„Постпродукцијата е неминовна, па затоа за неа користам доста различни апликации (во зависност од типот на фотографијата). Најчесто користени ми се Photoshop, Lightroom (за телефон и на компјутер), VSCO и Snapseed.“
Што те прави среќна?
Многу работи! Во моментов најсреќна ме прави доброто здравје и среќата на моите најблиски.