Категории

FUNK SHUI со нов видео спот за песната „Никогаш Пак”!

Funk Shui со константната работа на својот израз, ја одбележаа 2023 со преку 20 концерти во Европа и на Балканот (Берлин, Виена, Гронинген, Белград, Нови Сад, Загреб, итн.), како и издавање на долгоочекуваниот албум „Никогаш Пак” на 31 март 2023 кој резултираше со два распродадени концерти во Скопје во Младинскиот Културен Центар.    

Нумерите на албумот во рекордно време се позиционираа на најрелевантните топ листи, разгорувајќи го медиумскиот интерес на Балканот.

Funk Shui ја започнуваат 2024 со нов видео спот за песната „Никогаш Пак“, издаден на 25 јануари во 12 часот на YouTube каналот на Funk Shui.

„Спотот е снимен низ локациите кои ги искористивме за осознавање и оформување на сами себе во младоста, кои ги осеќаме како дома, можеби повеќе од сопствените тогашни домови.

Обидот е да се долови бруталистичката архитектура, потписот на нашето родно место и симболот на солидарноста и давањето, начинот на кој ние го разбираме и сфаќаме Скопје и нешто што можеби се третира и во текстуалноста на оваа песничка.

Оддаваме почит кон Скопје заедно со Владислав Гавриловски, визуелниот резидент и камерманско/режисерскиот ум на оваа бетонска градина од спот. Песната е балада за превртливата врска помеѓу писателот и Скопје и неколку скопјани. Сите други писателот ги сака и ќе биде тука за нив, како 78те земји кои беа тука за Скопје по земјотресот во 1963та”.

Видео записот е на Владислав Гавриловски. Музиката и текстот се на Фанк Шуи, а аудио продукцијата повторно на Бен Милчев.

Синглот „Никогаш Пак“, како и истоимениот албум е достапен на сите дигитални платформи за слободно преслушување и се наоѓа на повеќе од 150 дигитални музички продавници.

 

Прегледи:
247
Објавено на:
27.01.2024