Категории

ХРИСТОС СЕ РОДИ: Православните христијани денес го празнуваат Божиќ!

Православните христијани во Македонија денеска го слават Рождеството Христово-Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква изутринава се одржуваат божикни литургии. 

Рождество Христово (Божик)

Празник на радоста и надежта

(Именден празнуваат: Христо, Христина, Христијан, Божин, Ристо, Ристана, Ристовка…)

Божик спаѓа меѓу најголемите христијански празници, зашто на тој ден се празнува раѓањето на Спасителот Исус Христос. Колку овој ден е важен за човештвото се гледа и по тоа што тој е земен за клучен датум, односно камен-темелник, за пресметување на времето, па така имаме стара и нова ера што значи време пред и по раѓањето на Исус Христос.
Овој празник е наречен и матица на повеќе празници бидејќи да не бил овој празник, што значи да не се родел Исус Христос немало да има ниту негово крштевање, (значи немало да го има празникот Водици), немало да има ниту Распетие и Воскресение (Велигден) ниту Вознесение (Спасовден), немало да постојат ниту празниците Духовден, Преображение, Крстовден итн.
Евангелските текстови сведочат дека римскиот император Август издал заповед да се изврши попис на населението во империјата. Секој требало да биде запишан во градот на своите дедовци. Палестина тогаш била во рамките на Римската империја поради што и праведните Јосиф и Света Дева Марија тргнале од Назерет за да се запишат во Витлеем бидејќи биле од родот Давидов. Кога пристигнале во Витлеем за нив немало место во гостилниците и куќите поради тоа што во градот имало многу народ дојден заради пописот. Некои добри луѓе сакајќи да им помогнат ги упатиле во една пештера во близината на градот каде што пастирите во невреме ги засолнувале овците и козите. Ноќта силна светлина ја исполнила пештерата, но и околните ридови, потоа Света Дева Марија го родила својот Син првенец, го повила и го ставила во јаслите. Силната светлина ги исплашила и пастирите што со своите стада ноќевале на отворено на околните ридови, но веднаш потоа ангелот Господов ги утешил и предупредил јавувајќи им ја радосната вест: „Не бојте се! Еве, ви соопштувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ; и еве ви знак: ќе најдете повиен Младенец како лежи во јасли”. Веднаш потоа хорот на ангелите ја запеал песната: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја!” (Лука 2/14) Пастирите веднаш отрчале во пештерата каде што ги нашле Марија и Јосифа со Богомладенецот, му се поклониле, а потоа низ градот разгласиле за раѓањето на Спасителот.
Значи, покрај Богородица и Јосиф, на Богомладенецот први му се поклонија пастирите. Токму ним ангелот Господов им ја соопшти веста дека се роди Спасителот на светот. Пастирите не беа повластени први да ја чујат таа вест затоа што беа најблиску до Витлеемската пештера. „Според светите отци, тоа се случи поради многу причини. Прво, поради чистотата на пастирите стекната преку нивнотоотшелништво и тихување. Второ, затоа што пастирите беа подражаватели и следбеници на живеењето и на добродетелите на старозаветните патријарси. Значи, пастирите не беа случајни личности. Трето, за да се покаже дека Христос е вистинскиот пастир на израелскиот и на многубожечкиот народ. Четврто, за да се објави јасно дека Христос ги избра најпростите по срце и најприемчивите за да го примат ова откровение, а не лукавите книжици и фарисеи. Сето ова го покажува начинот што може секој да го употреби за да ја доживее тајната на Откровението.”
Веднаш потоа кај првородениот син на Света Дева Марија пристигнале и тројцата мудреци од исток на коишто за раѓањето на Спасителот им соопштила необичната ѕвезда на небото којашто и ги довела до пештерата движејќи се пред нив кога тие оделе и којашто стоела кога тие одморале. „И штом влегоа во куќата, го видоа Младенецот со мајка Му Марија и паднаа, па му се поклонија; а кога ги отворија своите ковчежиња, Му принесоа дарови: злато, ливан и измирна.” (Матеј 2/11) Овие дарови требало да претскажат дека новороденото дете е во исто време човек (измирната), Бог (ливанот-темјанот) и Цар (златото). Значи, пред Богомладенецот најпрвин се поклониле простите пастири и учените мудреци како овоземни жители, но и ангелите од небото што значи дека тој бил предодреден подеднакво да му припаѓа и на небото и на земјата.
Зошто меѓу првите Исус го видоа и мудреците? „Всушност, Бог нив им се откри, нешто што не се случи со книжниците и со фарисеите, кои го сочинуваа религискиот институт во тоа време. Мудреците не беа астролози, какви што ги знаеме денес, туку астрономи, кои ги гледаа небесните ѕвезди и нивните движења. Во тоа време астрологијата се сметала за наука. Денес, кога науката на астрономијата се оддлечи од астрологијата која е поврзана со метафизиката и со сатанизмот, последнава (астрологијата) е отфрлена од православната вера. Мудреците го препознаа Христа и му се поклонија преку познанието на умот. Преку телесните очи гледаа едно бебе, но преку видот на умот го гледаа вочовечениот Бог. Така мудреците се наоѓа во соодветна духовна состојба за да Го видат и да Му се поклонат на Бога. Тоа не беше работа на наука, туку на внатрешна умна чистота.”
И ѕвездата што ги водела мудреците по многу нешто била необична. „Прво ѕвездата не беше само во движење, туку и стоеше. Кога одеа мудреците, таа се движеше, кога тие застануваа, застануваше и таа. Второ, ѕвездата се движеше пониско од другите ѕвезди, а кога мудреците стигнаа до местото каде што се наоѓаше Христос, се спушти и застана над пештерата. Трето, ѕвездата имаше толкава блескавост, така што ја надминуваше блескавоста на другите ѕвезди (свети Никодим Агиорит). Освен тоа ѕвездата на мудреците се движеше чудно, т.е. од исток кон запад, а на крајот се движеше од Ерусаллим кон Витлеем, т.е. кон југ. И уште, како што вели свети Јован Златоуст, се гледаше и дење, додека сите други ѕвезди не се гледаат од светлината на Сонцето. Според тоа таа блескава ѕвезда беше ангел Господов, а како што вели Јосиф Вриениј таа беше архангелот Гавриил, кој, впрочем беше служител на големата тајна на вочовечувањето на синот и Логосот Божји”.
Во првите три века не се празнувало раѓањето Христово. Причина за тоа бил христијанскиот поглед на човековиот живот кој не му придавал многу значење на телесното раѓање на човекот туку на неговото духовно раѓање (крштевањето). Поради тоа раѓањето и крштевањето на Исус Христос се празнувало заедно на 6 јануари (19 според новиот календар) Богојавление / Водици, а тоа било ден кога се празнувале повеќе спомени. Подоцна кога човековиот живот почнал повеќе да се цени, се јавила потреба за празнување и на денот на телесното раѓање, а не само на духовното (крштевањето) и на телесната смрт, раѓање за вечен духовен живот. Но и од практични причини се јавила потребата денот на раѓањето на Исус да се празнува одделно од денот на неговото крштевање бидејќи верниците не можеле во исто време да бидат и кај Витлеемската Пештера каде што се празнувало раѓањето и на реката Јордан каде што се празнувало крштевањето.
По одделувањето од Епифанијата споменот на Христовото раѓање е пренесен на 25 декември (7 јануари според новиот календар). Најстар споменик што зборува за Божик е беседата на Јован Златоуст одржана во Антиохија во втората половина на IV век. Тој појаснува дека за одредување на овој датум се земени два настана: јавувањето на ангелот на Захарија и Благовештението на Богородица.
Со Божик е поврзан и обредот Вертеп, еден би рекле, религиозен театар што е познат кај повеќе народи, а кај нас најдолго се задржал во Охрид. Овој подвижен театар поврзан со Рождеството Христово го играле групи од по десетина деца. Две од нив биле статисти што го носеле Вертепот. Вертепот, пак, било едно сандаче што ја претставувало пештерата во која е роден Исус. Тоа сандаче било покриено со хартија во боја, од едната страна било отворено, внатре било украсено, имало и слама и лелејка, имало направено ликови како Пресвета Богородица, свети Јован Крстител, овци, овчари, поклоници итн. Меѓу артистите имало и тројца цареви (Ирод, Валтезар и Гашпар) кои говореле одредени текстови претходно научени. Ако во постарите времиња Вертепот бил статички црковен театар што се изведувал во црквите пред верниците, подоцна тој се изведувал по домовите, кафаните и други места каде што во тоа време, односно, околу Божик, се собирал народот. Вертепот се ставал на маса или друго поиздигнато место за да го гледаат сите. Најпрвин се испевал тропарот „Родество твоје”, а потоа се изведувала драмата. Потоа присутните го дарувале со пари или плодови. И во домовите се изведувала истата драма со постојани монолози и дијалози особено на тројцата цареви, потоа овчарот и другите учесници во обредот. Честопати меѓу вертепчиите настанувале жестоки тепачки, поради што се внимавало тие да не се сретнат. Во Охрид е забележан и малку поинаков обред наречен „Со ѕвезда”, кога ѕвезда направена од картон и украсена се ставала на долг стап или се носела во сито каде што имало и икона со Христосовото раѓање итн.
Сличен обред на овој се изведувал и во Струга. Имено, нешто по полноќ на Бадник, до разденување на Божик, групи момчиња изведуваат обред наречен „Ѕвездата Дева”. Тие на овој начин ја соопштувале радосната вест за раѓањето Христово. Обредот го изведувале во куќи каде што имало девојки, приредувајќи на тој начин серенади. Најпрвин правеле куќичка од штици и картони. Во куќичката (кутија) е прикажан амбиентот на пештерата во која е роден Исус. Тука задолжително имало икона со Христовото раѓање и запалена свеќа. Кутијата се поставувала на две долги летви и ја носеле двајца од дружината. Другите со музички инструменти оделе пред куќата на девојката. Тропале на вратата и го пееле тропарот „Рождество на нашиот Господ Исус Христос”. Серенадите со Ѕвездата Дева се сметале за чест на фамилијата што била удостоена ергените да ѝ пеат на нивната девојка. По завршувањето на серенадата момчињата се почестувале со ракија, чај и др.
Очигледно обредот Вертеп содржи повеќе елементи на фолклорен театар со текст, лица, глума, облека, реквизити, публика итн.
Во народното верување со Божик започнува периодот од 12-те денови т.н. Некрстени или Погани, Караконџерови денови, а некои ги викаат и Ристосови денови, што траат до Водици, период исполнет со многу активности на негативните демони, со религиозен страв и разни магиски заштити. Според народното верување од Божик до Водици, кога Исус не бил крстен и Богородица била леунка, разни зли демони како вампири, караконџули, вештици и др. ги изведуваат своите оргии и се обидуваат да му напакостат на човекот. Дури на Водици кога се крштева водата се парализираат и нивните дејствија.
Со Божик е поврзана и пословицата: „Пред Божик зад Божик кај да си, дома да си” што има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот, но не е на одмет да се потсети дека во најстудениот период од годината исполнет со снежни веавици, но и со други опасности, сепак, најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом.
Обичаите и песните што се изведуват и пеат на Божик, всушност, претставуваат продолжение на претходните обичаи и песни поврзани со Бадник. И овие песни ги имаат сите одлики на коледарските песни, радост поради повторното раѓање на Сонцето, желба за плодна година. Сепак, во однос на претходните коледарски песни, особено оние што се пеат покрај коледарскиот оган и во кои доминират еротски содржини, во песните што се пеат на Божик има повеќе елементи од Христијанската религија.
Она за што сведочат евангелските текстови во врска со раѓањето на Исус Христос го опева и народната песна. За народниот пејач раѓањето на Исус е проследено со вечна светлина со константен интензитет, оган кој ниту ветерот го сили ниту дождот го гасне.