Категории

Интервју со Британскиот амбасадор Charles Garrett: Сакам да научам да правам ајвар

Charles Garrett е амбасадор на Обединетото Кралство во Република Македонија, кој активно го поддржува вклучувањето на лицата со попреченост во сите сфери на општеството.

Јулијана Петровска и Никола Колев се млади луѓе со Даунов синдром кои во текот на април и мај 2016 година беа дел од фотографските работилници организирани од здружението ИНКЛУЗИВНИ РЕШЕНИЈА Скопје. Токму на овие работилници се роди идејата за спроведување инклузивни интервјуа, како дел од редовните рубрики на Среќа.мк.

Интервјуто со господин Garrett е прво на Јулијана, која има голем афинитет кон новинарството. Таа е и љубител на спортот и активен член на Специјална Олимпијада на РМ. За Никола Колев ова е прво фото-репортерско искуство, а покрај фотографија, го интересира и изработка на компјутерски графики.

 

Јулијана Петровска: Каква музика слушате и кој е Вашиот омилен музичар?

Charles Garrett: Слушам различни типови музика. Слушам класична, рок, фолк музика, слушам џез и хип-хоп понекогаш…сé што е добра музика, што одговара на моето расположение. Немам само еден омилен музичар, имам повеќе омилени. Ми се допаѓаат David Bowie и Prince, но и двајцата починаа оваа година.

Јулијана Петровска: Дали имате хоби и кое е Вашето хоби?

Charles Garrett: Немам хоби од типот на…играње шах или нешто слично. Она што најмногу сакам да го правам во слободно време е готвење. Тоа е моето вистинско хоби. Кога бев помлад собирав поштенски марки.

Јулијана Петровска: Дали спортувате и што спортувате?

Charles Garrett: Да, сакам да спортувам, но имам проблеми со двете колена, па не можам да играм фудбал или тенис. Но, обожувам да возам велосипед и да планинарам.

Јулијана Петровска: Дали гледате фудбал – Лига на Шампиони и Европско Првенство? За кого навивавте? Како според Вас се покажа Англија?

Charles Garrett: Многу сакам да гледам фудбал, навистина уживам во тоа. Всушност, вечерва ќе одам стадионот Филип Втори, на натпревар помеѓу ФК Вардар и Динамо Загреб. Активно го следев Европското Првенство, најпрво навивајќи за Англија, па за Велс, па Северна Ирска, бидејќи сите се британски тимови. Во финалето сакав Франција да победи бидејќи жена ми е Французинка, но и тие загубија.

Јулијана Петровска: Какви игри или спортови сте играле со вашите пријатели кога бевте млад?

Charles Garrett: Фудбал, крикет…знаеш што е крикет? И атлетика

Јулијана Петровска: Атлетика? И јас исто

Charles Garrett: И фудбал и крикет и атлетика?

Јулијана Петровска: Атлетика, тоа другото не. Во атлетика имам освоено прво место, на 100 метри.

Charles Garrett: 100 метри?

Јулијана Петровска: Да, златен медал

Charles Garrett: Браво, кога?

Јулијана Петровска: 2015

Charles Garrett: Одлично

Јулијана Петровска: Во Лос Анџелес, на Специјална Олимпијада

Charles Garrett: Фантастично, мора да си горда.

Јулијана Петровска: Да да, многу! Што правите во слободно време?

Charles Garrett: Па немам многу слободно време, но кога имам, сакам да го поминам со семејството – готвејќи, возејќи велосипед или качувајќи се на Водно, кое е прекрасно.

Јулијана Петровска: Дали читате книги и која е последната книга што сте ја прочитале?

Charles Garrett: Да, читам книги, но помалку од порано и секогаш читам повеќе книги во исто време. Во моментот читам две книги. Едната се вика Wolf hall од Hilary Mantel и е за англискиот крал од 16-ти век, Хенри Осми, кој бил многу суров и ја отсекол главата на сопствената сопруга. Другата книга е How music works од David Byrne.

Јулијана Петровска: Дали одите во кино и кој е последен филм што сте го гледале?

Charles Garrett: Да, многу сакам да одам во кино, а последен филм кој го гледав е Војна на ѕвездите.

Јулијана Петровска: Кое е вашето омилено јадење?

Charles Garrett: Beef Wellington. Тоа е месо во тесто. Исто така многу сакам македонска кујна.

Јулијана Петровска: Дали сакате ајвар?

Charles Garrett: Да, секако, обожувам ајвар. Ќе ме научиш како се прави!

Јулијана Петровска: Секако! Дали патувате и кое е последното место што сте го посетиле како турист?

Charles Garrett: Да, обожувам да патувам, а последните места кои ги имам посетено како турист се Банско во Бугарија за Божиќ и Дубровник, во Хрватска.

 Јулијана Петровска: Што сакате најмногу во Македонија?

Charles Garrett: Храната, планините, разновидноста, различните култури, луѓето.

Јулијана Петровска: Благодарам за интервјуто.

Charles Garrett: Благодарам, ми беше задоволство.

Интервјуираше: Јулијана Петровска

Фотографија: Никола Колев

Интервјуто беше спроведено на 12.07.2016

Прегледи:
638
Објавено на:
19.07.2016