Категории

Истражи ја Крива Паланка- поврзи се со природата – Нема да останете рамнодушни од убавините на Стенечките водопади

Избегнете ја неподносливата топлина најавена за викендов, посетете ја Крива Паланка и уживајте во прекрасната освежителна температура  и неверојатен поглед кои ги нудат „Станечките водопади “ на Козја Река  (притока на Станечка Река) во Крива Паланка.

Водопадите се наоѓаат во северниот дел на Осоговските Планини, кај с. Станци, 8 км јужно од Крива Паланка. До самото село Станци во долината на Дурачка Река, води асфалтен пат долг 5 км. Потоа се тргнува по патека која води покрај Козја Река и по околу 3 км или 30-тина минути пешачење низ живописен предел се доаѓа до големиот Станечки водопад.

Амбиентот го красат два водопади, едниот е висок 9 метри а другиот 11 метри. Поголемиот, Долен водопад е на надморска височина од 1160 м и функционира во текот на целата година. Неговата височина изнесува 11 м, по што е најголем постојан водопад на Осоговските Планини. Во подножјето на овој ерозивен водопад, со вртложното движење на водата е создаден голем природен базен или џиновски лонец. Од џиновскиот лонец речната вода слаповидно истекува кон помирниот дел на Козја Река, паѓајќи уште 3 м на релативно кратко растојание, така што водата вкупно се спушта 14 м. Инаку водопадот е релативно пристапен и се наоѓа во густа букова шума, што заедно со бистрата речна вода која се прелева кон околината му дава посебна убавина.

Спротиводно по реката, кон повисоките делови има уште неколку мали водопади кои го надополнуваат амбиентот. Освен водопадите, на овој простор има интересна појава на огромни карпести блокови, настанати со механичко распаѓање.

Долината на Козја Река е тесна и на одредени места скоро вертикална со изглед на мал кањон, па искачувањето по неа е доста тешко. Кон исток, долината стрмно се издига кон билото на Калин Камен на околу 1800 м и понатаму кон Царев Врв, што може да биде интересна рута за планинарење. Сето наведено надополнето со свежата и пријатна клима, чистиот воздух, зеленилото, архаичните објекти на селата Станци и Дурачка Река, како и блискиот етно ресторан прават посетата на овој простор да биде извонредно доживување.

 

Оваа публикација е финансирана од страна на Делегацијата на ЕУ во Косово* во рамки на  ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Косово и Северна Македонија