Категории

„Јас од светот никогаш не барав ништо повеќе и тогаш те сретнав тебе.“

По ветрецов благ бакнеж ти праќам, oтвори прозорец, вдиши го. Задржи го на усни или во џеб стави го ако сакаш. За утре чувај го или негде во креденецот скриј го. Никој да не го најде.

Па, легни, заспиј, знај дека си најсакан, кога човек е сакан, велат поубаво спие. Јас, јас од светот никогаш не барав ништо повеќе и тогаш те сретнав тебе. Смислата стана поинаква, постоењето недоволно, желбата преголема. Одеднаш светот стана мал. Сакав да ти го подарам, а ми го собираше на дланка. Премалку е си велев. Па, го собрав универзумот во душата, го покорив сонцето и ја собрав светлината во очиве. Ја скротив месечината, ги навезов ѕвездите на дланкиве. А, од светот не барав ништо повеќе.

Те сретнав кога бев меѓу скршените работи, ме најде, ме оживеа, срцево почна да тропка ко никогаш да не било мртво, ко да се родив пак. Бар да знаеш… Бар да ти кажам… Да ти кажам дека и покрај несериозноста моја, сериозно сакам да бидеш мој, сакам тука да бидеш до мене цело време.

Знам колку е тоа невозможно. Знам дека мора вака. Сама против себе одам и бегам од тебе. Ама џабе, мисливе пак кај тебе лутаат, ко немоќни пеперутки кои му се противат на ветрот. Срцево ко на тацна ти го дадов за доручек. Сега веќе немам ништо да ти дадам, прости ми, немам веќе што да ти подарам. Немам ни срце, а сепак те сакам неизмерно. Љубовта кон тебе е река што не пресушува, градина која вечно цвета, вселена од милион соѕвзедија, бесконечна. И кога те немам и кога не си тука, во мислите си ми, живееш во мене.

Помислата на твојата насмевка ме бутка во денот, сјајот во твоите очи ми измамува насмевка на лице, од топлината на твојата прегратка никогаш ладно не ќе ми стане. Џабе убавини и радости, џабе среќни мигови, џабе ми и иднина, ако не си ти. Сакам првиот кога ќе се разбудам и последниот пред да заспијам да си… А не си, знам нема ни да си. Боли, но биди бар среќен ти, далеку од мене, твојата среќа мене и повеќе од доволна ми е.

 

 

Ефтимија Јованова

Прегледи:
850
Ознаки:
· · ·
Објавено на:
30.07.2017