Категории

КАЈ И ДА СИ, ПРЕД БОЖИЌ, ЗАД БОЖИЌ, ДОМА ДА СИ!

Евангелието го опишува настанот кога се родил Господ Исус Христос. Настанот ни сведочи дека римскиот император Август заповедал да се изврши попис на населението во Империјата. Тогаш праведен Јосиф и Света Дева Марија пристигнале во Витлеем, бидејќи биле од родот Давидов.

Немајќи каде да преноќат, тие отишле во пештерата каде ноќевале пастирите. И токму тука се роди Господ Исус Христос. Светлината и гласот на ангелите беа првите вести што ги видоа и слушнаа пастирите „Не бојте се! Денеска се роди Спасителот, кој е Христос Господ: и еве Ви знак: ќе најдете Младенец повиен во јасли“. И ангелскиот хор веднаш ја запеа песната „Слава на Бога во висините, а на земјата мир меѓу луѓето со добра волја“ (Лука.2-14). Оваа радосна вест, пастирите ја потврдија веднаш и пристигнувајќи во пештерата му се поклонија на Младенецот.

На поклонение дошле и тројца вавилонски мудреци, носејќи му дарови: злато, ливан и смирна. Овие дарови симболизираат: ливанот – бог, смирната – човек и златото – цар.

Во Црквата овој празник почнува да се празнува при крајот на третиот век, затоа што дотогаш Црквата не му придавала многу значење на телесното раѓање. Многу поважно го сметала духовното раѓање, односно крштението и затоа овој празник се славел заедно со крштевањето на Господ Исус Христос и бил наречен Епифанија.

Македонскиот народ со многу внимание го празнува Божик, денот на Христовото раѓање.

Обичаите што денес се изведуват се остатоци од минатото, но поголемиот број од нив се исчезнати, а ние денес за нив дознаваме од записите на собирачите на македонски фолклорни и етнографски материјали како што се браќата Миладиновци, К. Шапкарев, Е. Спространов, В. Икономов, М. Цепенков и многу други. Особено од минатото се останати богати обичаи и верувања поврзани со Бадник или Коледе денот што му претходи на Божиќ.

Истражувачите на овие обичаи истакнуваат дека во почетокот Коледе бил празник поврзан со враќањето на сонцето од јужните напоредници, со раѓањето на новото сонце што значело и раѓање или обнова на животот. Подоцна Христијанската црква овој ден го поврзала со Христовото раѓање. На прекорот дека Христијаните започнале да го празнуваат денот на сонцето исто како и паганите Свети Августин одговарал: “Ние го празнуваме не како неверниците поради сонцето, туку поради оној што го создал сонцето”.

Богати обичаи и верувања на Бадник во Македонија се поврзани со обредниот оган како и со горењето на дрвото наречено Бадник или Бадникојца. Во некои краишта дрвото што се гори е пенушка од даб, во други смрека, а некаде се гори круша горничка (дива круша) зашто верување со Божиќ започнува периодот од 12-те денови т.н. некрстени или погани.

Според народното верување од Божиќ до Водици кога Исус не бил крстен и леунка била Богородица, разни зли демони како вампири, караконџули, вештици и др. ги изведуваат своите оргии и се обидуваат да му напакостат на човекот. Дури на Водици кога се крштева водата се парализираат и нивните дејствија.

Со Божиќ е поврзана и пословицата: “Пред Божиќ зад Божиќ кај да си дома да си” што има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот, но не е на одмет да се потсети дека во најстудениот период од годината исполнет со снежни вејавици, но и со други опасности сепак најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом.

– Христос се Роди!

– Навистина (ваистина) се роди!

Прегледи:
1201
Објавено на:
06.01.2017