Па, како домашните кучиња, кои спаѓаат во подгрупата „Canis lupus familiaris“ прераснале и се разграниле во толку многу различни раси низ целиот свет? Вештачка селекција. Тоа значи дека ние луѓето, со илјадници години ги селектираме кучињата што најмногу ни се допаѓаат, било поради нивното меко крзно, пријателска настроеност или интелигенција или дури и поради нивната насилност, па ги чуваме до нас и ги одгледуваме.
Во текот на нешто помалку од 10 000 години, одгледувачите ги менувале особините и формата на кучињата за да ги добијат најпосакуваните карактеристики.
Научниците велат дека кога луѓето сфатиле дека можат да ги припитомат кучињата и да ги користат за секојдневните задачи како ловот, почнале да ги припитомуваат и другите животни за различни цели – како овците, козите, говедата и свињите.
Припитомувањето на животните одиграло клучна улога за подемот на земјоделството и експанзијата на раните цивилизации од пред околу 10.000 години. Отприлика во истото време, различните цивилизации почнале да тргуваат и ги користеле говедата како средство за плаќање. Коњите и камилите станале средства за транспорт на долгите трговски патувања. Овие товарни животни го трансформирале нашиот начин на живот.
Се разбира, припитомените животни што влијаеле на одредени заедници биле различни низ светот. Говедата, овците, козите, коњите, магарињата, камилите, кокошките и свињите биле домородни во Афро-Евроазија, додека луѓето од двете Америки ги припитомиле ламите, мисирките и морските прасиња … кои баш и не се животни што ќе повлечат тежок товар или ќе ве одведат на долг пат. Бидејќи не може да се јава лама или мисирка, не постоела можност да се патува на големи далечини за да се тргува, па затоа на цивилизациите од двете Америки им било потребно повеќе време да се развијат од оние во Афро-Евроазија. Па како што гледате „бушавите глави“ направиле многу повеќе за човековата цивилизација, отколку што веројатно сте мислеле.
Извор: Енаука
1 2