Таа го освоила срцето на султанот Ахмед и го родила идниот престолонаследник на империјата. За нивната љубов се пишувале поеми.
Махфируз султан била родена во јужна Македонија околу 1590 година а нејзиното вистинско име било Евдокија. Во 1603 година била одведена во Османлиската престолнина како робинка во харемот на султанот Ахмед.
Ахмед само што бил прогласен за султан, имал 13 години а бидејќи бил доста млад и немал наследник, неговата мајка султанката Хандан одлучила да му пронајде соодветна наложница од харемот. Уште по самото доаѓање, Махфируз и го привлекла вниманието на мајката на султанот со својата убавина па го така го добила своето име кое во превод значи „величенствена месечина“.
Убавата македонка набргу станала миленичка на султанот. Била исклучително талентирана за музика и танцување, а неретко му помагала и го советувала Ахмед во неговото владеење.
За помалку од една година откако станала негова „хасеки“ што во превод значи прва жена, таа го родила принцот Осман, идниот султан подоцна познат како „Младиот Осман“ кој го наследил Ахмед по неговата смрт.
По кратко време во харемот пристигнала нова девојка по име Анастасија која го добила името Махпејкер и станала втора жена на султанот, подоцна позната како Косем Султан како најмоќната жена во историјата на Османлиското царство. Но и покрај фактот дека Косем била најчесто претставувана како омилена жена на султанот, во текот на неговиот живот Махфируз му родила уште четири деца – Принцовите Бајазид, Хусеин и Сулејман, и принцезата Ханзаде што докажува дека Ахмед и понатаму бил доста првиврзан кон неговата прва љубов.
Италијанскиот патник Пјетро дел Вале ја опишал Махфируз како „белата месечина од Румелија“ и „музата на Бахти“. Бахти било уметничкото име на султанот Ахмед под кое ги пишувал своите поеми посветени на убавата Махфируз. За неа се зборува дека имала светол тен поради што го добила прекарот „бела месечина“, долга костенлива коса и светли очи.
Ова е една од неговите поеми посветена за султанката Махфируз:
„Газела“
„Дури и божествата се засрамени пред тебе
Барам дозвола од Севишниот за да можам да ја поседувам твојата убавина
Зарем Бог одредил ти да ми бидеш мојата најслаба страна?
Твојата нежност и пријатност е мојот благослов
Лекот за секој отров е оваа љубов
Не постои друго место каде би се предал на Севишниот, освен на твоите гради
Ти дојде кај овој Бахти, и повторно открив каков вкус има сладоста
Од мигот кога влезе во срцето на овој Ал-и-Осман
Стана еднаква на него
Не постои казна за ловецот кој се вљубил и решил да ја поштеди газелата “
Оваа поема била предмет на толкување на бројни историчари.
Историчарот Баки Тежан открива можност дека откако Махфируз го родила првиот син на султанот, добила ослободување односно укинување на нејзиното робство и таа станала слободна жена. Такво право претходно добила само Хурем султан која подоцна станала првата жена робинка која склучила брак со еден султан.
На ова Тежан додава дека во поемата каде што султанот Ахмед – Бахти опишува дека „станала еднаква на него“ всушност открива веројатност дека Ахмед склучил таен брак со Махфируз кој според Османлиската традиција не бил дозволен султанот да склучува брак со жена од неговиот харем.
По смртта на Ахмед во 1617, Махфируз била испратена во Старата палата во Едирне каде обично заминувале жените на починатите султани, таа не станала Валиде Султан или „кралица мајка“ откако нејзиниот син се качил на престолот веројатно поради ривалството со тогаш моќната Косем Султан.
Махфируз Султан починала во 1620, само две години пред смртта на нејзиниот син.
Во писмото од палатата пишувало „Мајката на првородениот син на султанот Ахмед и негова миленица е мртва“. Махфируз била погребана без церемонија на гробиштата кај џамијата Ејуп, а не покрај својот сопруг во Сината џамија за што се шпекулирало дека било направено по наредба на Косем Султан.