Категории

Која била вистинската Зоне Замфирова? Пред 15 години се сними првиот филм за најубавата нишлијка

Пред 15 години се сними првиот спскиот филм кој ги сруши сите рекорди на гледаност кај нашиот северен сосед, „Зоне Замфирва“. Режисерот Здравко Шотра ги оживеа главните ликови на филмското платно, но ништо немаше да се случи без ремек-делото на писателот Стеван Сремац.

Малкумина знаат дека книгата Зона Замфирова е инспирирана од вистински настан.

Авторот Стеван Сремац живеел во Ниш од 1879 до 1892 година, со мала пауза од две години кога престојувал во Пирот. Слободното време Сремац го поминувал во малите нишки кафеани како „Босна“, „Кај Маргер“ и „Касина“, каде што според неговите кажувања наминувале многу битни господа.

Внимателно слушајќи ги разговорите на нишките занаетчии, Сремац кришум ќе го извадел бележникот и ги запишувал нивните приказни, кои подоцна ќе ги искористи за неговите најдобри книжевни дела.

Во Народниот музеј во Ниш се чува оригиналниот ракопис за делото Зона Замфирова. Пред да го напише ракописот, Сремац во личниот бележник грубо ја скицирал содржината на романот уште во 1895 година.

Првото споделување на приказната за Зона е во 1903 година во познат српски весник, а се објавувала во делови. Романот конечно излегува од печат 4 години подоцна, односно во 1907 година.

Постојат две теории околу идентитетот на Зона Замфирова. Која била вистинската Зоне?

Според првата теорија, најдоброто дело на Сремац е засновано врз вистински настан, кој се одиграл во Приштина кон крајот на XIX век.

Сремац ја слушнал приказната од познатиот писател Бранислав Нушиќ, кој во 1895 година бил српски конзул во Приштина. Нушиќ како позната личност се дружел со видни луѓе, меѓу кои и чорбаџијата Замфир Кијаметовиќ, татко на 13 деца, меѓу кои и на Јевросима. Од милост Замфир го викал девојчето Зона.

Навистина било тешко да не се забележи убавината на Зоне.

„Имаше очи како кадифе, коса како свила, усни како низа ѓердан, заби како бисер, струк како фиданка, а сета беше вистинско „мамино злато“, ќе напише Сремац во неговата книга за музата.

Кога наполнила 16 години, ниту една девојка не ѝ била рамна на убавината на Зона, ниту во Приштина па и подалеку.

Се облекувала раскошно, носела шалвари од свила и убави бунди. Ги освоила погледите на сите момчиња, но најмногу на Максим, синот на кујунџијата Коста Гапиќ. И Зона лудо се вљубила во Максим (во романот и филмот Мане), а сите потајно зборувале за огромната љубов помеѓу двајцата млади.

Цела Приштина го знаела ова, секако и нивните родители кои молчејќи ја одобрувале оваа врска. Но, набрзо се случила голема караница помеѓу чорбаџијата Замфир и кујунџијата и тоа токму во дуќанот на Коста.

На крајот паднале тешки навреди помеѓу двајцата пријатели. Кога Коста почнал жестоко да го напаѓа, чорбаџијата Замфир му одговорил: „Зарем да го дадам моето дете за твојот син? Драго ќе му ја дадам на најсиромашното момче, но никогаш на твојот Максим“.

По овој немил настан Зона тагувала, а Максим со своите другари ја смислувал одмаздата. Во тоа време девојката која заминувала да се мажи без одобрувањето и благословот од родителите се нарекувала бегалка („побегуља“).

Долго време се зборувало за скандалот со Зона Замфирова.

По доаѓањето на Нушиќ во Белград, една летна вечер му ја раскажал целата приказна на Сремац кој се воодушевил и го замолил пријателот за дозвола да ја обработи приказната.

Единствениот услов бил никако да не се споменува локацијата каде што вистински се случил настанот, односно Приштина, бидејќи Нушиќ бил куќен пријател со чорбаџијата Замфир, па не сакал да му создава уште поголем срам и јадови.

На ова барање Сремац му одговорил дека „ќе ја однесе неговата Зона во својот убав Ниш. Таму нема да ја препознае ниту нејзиниот роден татко“.

Така настанала една од најубавите приказни на Стеван Сремац сместена во срцето на Ниш.

И покрај скандалот и срамот кој го обвил семејството на Зона, таа сепак имала многу додворувачи. Но, Зоне не сакала ниту еден од нив. Чорбаџијата Замфир го одржал својот збор. На крајот му ја дал Зоне на убавиот, но сиромашен шнајдер Алекс Грбиќ.

Кујунџијата Максим, односно Мане не се оженил со Зона, туку со друга девојка. Се самоубил на стари години пред почетокот на војната. Алекс Грбиќ, мажот на вистинската Зона настрадал за време на албанското востание во Урошевац во 1913 година.

Стариот чорбаџија Замфир поради срамот кој го доживеал се отселил од Приштина. Зона, и покрај несреќната љубов која ја претрпела во младоста доживеала длабока старост и починала на 75-годишна возраст.

Стеван Сремац бил реалист, но повеќе од очигледно е дека не сакал приказни со несреќен крај.

Сепак, една работа немал потреба да ја измислува, ниту менува, а тоа е ненадминливата убавина на Јевросима, наречена Зона.

Зона Замфирова починала во 1952 година, а закопана е на новите гробишта во Белград. На нејзиниот гроб пишува „Овде почива Зона Замфирова“.

Втората теорија нуди фото-доказ и раскажувања од страна на праправнуката на Зоне, д-р Драгана Миловановиќ, архитект од Белград.

Според нејзиното кажување, чорбаџијата Замфир бил богат сопственик на многу земјиште, а неговото вистинско име било Јованчо Хаџи-Смилјан Јанковиќ. Тој навистина живеел во Ниш со неговата ќерка-единица, Зојица-Зоне. Според неа, вистинското име на Мане, љубовта на Зона, било Гаврил-Гане Јовановиќ.

17-годишната Зона се вљубила во 32-годишниот Гане (Мане). Зојица имала само брат и семејството особено многу внимание обрнувало на нивното образование. Сосема логично е што Хаџи Смилјан, нејзиниот татко не бил задоволен од огромната класна разлика помеѓу неговата миленичка Зоне и Гане.

Останува нејасно дали вистинската Зоне во оваа теорија побегнала со Гане, дали навистина се случил скандалот како во книгата на Сремац, но семејството на крајот се согласило на бракот и сè се завршило среќно, токму како во книгата и филмот.

Но, за жал, брачната среќа на двајцата млади не траела долго. По 14 години брак, Зоне умрела по седмото породување со синот Драгутин. Претходно била потресена поради смртта на нејзиниот единствен брат.

Гане подоцна повторно се оженил и станал татко на уште 5 синови. Неговите бројни потомци денес живеат во Ниш, Параќин, Крагуевац, Белград, Нови Сад и Париз, според кажувањата на чукунвнуката на Зоне.

Во бомбардирањата во текот на Втората светска војна настрадала и гробницата каде што почивале тројцата главни актери во оваа приказна, меѓу кои и Зона.

Двете теории се многу различни, но останува фактот дека љубовта била вистинска и послужила како инспирација за создавање на прекрасен роман и уште подобар филм.

Прегледи:
1324
Објавено на:
15.10.2017