Категории

Лесни маски за коса кои може да ги направите сами

Периодот додека седиме дома, е право време за да испробуваме секакви домашни „маѓии“. Меѓутоа, некогаш главата знае да нѐ заболи кога ќе прочитаме дека за некој рецепт (дали за готвење или за производ за лична нега) се потребни многубројни, скапи и недостапни состојки. Поради тоа, овде имаме листа со ЛЕСНИ маски, со мал број на производи кои се достапни во најблискиот супер маркет.

 

1. Maска за сјај и мекост

 

Потребни состојки:

1 зрело авокадо

1 лажичка маслиново масло

1 лажичка мед

1/8 од филџан со кокосово или бадемово млеко

 

Чекори:

1. Измешајте ги состојките. Најдобро е да ги измешате во блендер или со рачен миксер, но ако немате нешто вакво при рака, може да ги измешате и рачно (само внимавајте на грутки).

2. Нанесете ја маската на косата. На сува коса, започнете од коренот и одете сѐ до врвовите. Откако ќе ја нанесете целата смеса, фатете ја косата со шнола и оставете ја така 30 минути.

3. Измијте ја косата со Вашата обична рутина. Оваа маска може да ја правите еднаш или два пати неделно.

 

2. Спреј-маска против првут

 

Потребни состојки:

1/4 филџан вода

5 апчиња аспирин

1/4 филџан јаболков оцет

6-8 капки масло од чајно дрво

 

Чекори:

Измешајте ги водата и оцетот во чисто шишенце со распрскувач.

Додадете ги капките чајно дрво, мешајте додека не се хомогенизираат.

Издробете ги апчињата аспирин со тврд предмет, и додадете гии исто така мешајќи ги додека не се хомогенизираат.

Напрскајте го скалпот многу обемно – со целата содржина на маската. Оставете го да отстои 30 минути и измијте ја косата со Вашата нормална рутина. Не грижете се, миризбата од оцетот ќе исчезне при измивањето. Оваа маска се нанесува максимум еднаш неделно.

 

3. Маска за сува коса која чеша

 

Состојки:

2 лажички кокосово масло

1 лажичка мед

1 лажичка јаболков оцет

 

Чекори:

Измешајте ги сите состојки.

Нанесете ја маската врз скалпот и оставете ја 30 минути.

Измијте ја косата со Вашата нормална рутина. Оваа маска може да ја нанесувате еднаш или два пати неделно.

 

 

 

Прегледи:
691
Ознаки:
· ·
Објавено на:
11.05.2020