По фантастичниот прв концерт „Ну погоди“ кој го проследија илјадници вљубеници во музиката од најразлични генерации, следува премиерна изведба на вториот концерт во рамки на циклусот „Филхармонија на отворено“. Во сабота во 21 часот во Градскиот парк премиерно ќе прозвучи концертот насловен „Љубов и револуција“ на кој публиката ќе има можност да ги чуе најпопуларните песни од поп-рок и панк музиката кои претежно ги одбележаа 1990-тите години.
Под диригентската палка на Џијан Емин и во негови аранжмани ќе бидат изведени песни на култните „Рејдиохед“, Ник Кејв, „Бисти Бојс“, „Продиџи“, „Нирвана“, Дејвид Боуви, „Секс Пистолс“, „Клеш“, Џими Хендрикс, „Пинк Флојд“, „Рамштајн“… Заедно со оркестарот на Филхармонија, ќе настапи и хорот „ПроАрс“ чиј диригент е Сашо Татарчевски, кој ќе биде главен носител на проектот.
И овој концерт, како и првиот, претставува уникатна идеја во смисла на тоа ваков тип на композиции да бидат изведени од страна на симфониски оркестар и хор, што е ретка практика и во светот.
И двата концерти се реализираат во соработка со Младинскиот културен центар и Град Скопје.