Категории

Македонецот Димитри Димитров, жива легенда во Холивуд

Човекот кој е на „ти“ со Роберт Де Ниро и Шон Пен, пријател со Том Форд, Ворен Бити и Ненси Реган, и инспирација за ликот на Ралф Фајнс, алијас рецепционерот Густав од филмот „Гранд хотел Будимпешта“ (2014), е Македонец чиј телефонски број сите холивудски ѕвезди го имаат меморирано на брзо бирање.

Пред неколку години имав можност да зборувам со Димитри Димитров, шеф на најелитниот и најпознат клуб-ресторан во срцето на Лос Анџелес – во Сансет Тауер Хотел. Тогаш немаше мобилен телефон, но успеав да го добијам на домашниот, во 4 наутро по нивно време, период кога Димитров си доаѓа од работа.

Не се случува често еден шеф на ресторан да одлета за Њујорк за да глуми во филм со Бил Муреј. Но, Димитри Димитров, шеф на ресторанот во Сансет Тауер Хотел во Лос Анџелес, е класа сам за себе. Пријател со Том Форд, Ворен Бити и Ненси Реган, тој е инспирација за ликот на Ралф Фајнс, алијас рецепционерот Густав од филмот Гранд хотел Будимпешта, од 2014 година и се сеќава на Софиа Копола, режисер на филмот A Merry Murray Christmas (2015), од времето кога била мало девојче. Во овој филм, (A Merry Murray Christmas), Димитров, како и во филмовите She’s Funny That Way (2014) and Mistress (1992), се глуми самиот себе. Дека токму тој е најголемата ѕвезда помеѓу сите тие ѕвезди, зборува и тоа што досега се појавил во овие и во уште некои филмови глумејќи се самиот себеси. Во “Љубовница”, во 1992 година, со Роберт де Ниро и во “Дневникот на очајниот музичар” во 2001 година, во филмот “Пешн плеј” (со Мики Рурк и Меган Фокс).

Бил Муреј е негов долгогодишен пријател. Исто и Грејдон Картер (уредник на Венити Феар и домаќин на забавата, која ја организира списанието после доделувањето на Оскарите на која се секогаш присутни најголемите ѕвезди од А листата, како и добитниците на наградата на Американската филмска академија). Токму сега, пред него е подготвувањето на забавата на која сите тие познати лица ќе дојдат после церемонијата на доделување на Оскарот. Како резултат на тоа, ова место еволуирало во едно од клучните места за холивудска акција.

Во градот опседнат со статус, Димитров ги држи в раце „клучевите“ од најексклузивните маси во градот. Во текот на сезоната на Оскарите, повеќето објекти во Лос Анџелес се подготвуваат да бидат „нападнати“ од славните личности, но за Димитров, тоа е вообичаена работа. Тие луѓе се наши регуларни гости, вели тој. А токму деновиве, во пресрет на годинешното доделување на наградите Оскар, на 28 февруари, повторно се сетив на Димитров.

Неговиот внук Игор, кој живее во Скопје вели дека неговиот вујко се уште живее со истото темпо и во истото опкружување, актуелен и важен како и секогаш.

Животен пат

На 18 години Димитри Димитров заминал од Македонија, најпрвин во Англија, потоа во Монтреал, во Канада, а во 80-тите години од минатиот век, преку големата бара, во Лос Анџелес. Последните 15 години тој е заштитен знак на најпознатото сврталиште на сите холивудски ѕвезди – “Холивуд Сансет Тауер хотел”.

Димитри Димитров е жива легенда на ноќните клубови во Лос Анџелес. Токму во таа насока за него пишуваат и тамошните медиуми. Димитров е роден Македонец, а неговото семејство, поточно, неговата сестра Натка со семејството, се уште живее во Скопје.

Сега, во своите шеесетти години од животот, тој зад себе има веќе цели триесет години поминати во најексклузивните локали во кои се изверзирал во својата улога на менаџер и домаќин, која исто толку години, совршено ја игра. Неговото школување почнало кога на 18 години заминал од Македонија, во Велика Британија. Таму работел во ексклузивни ресторани, каде што го усовршил протоколот за услужување на британското племство, а набргу, со својот партнер Германец отворил и свој ресторан, во Лондон. Неговата сестра Натка вели дека додека бил таму, неговиот дом бил прибежиште за многу Македонци.

– На секоја фотелја во неговиот дом, спиел по еден човек. Секогаш им помагаше на сите наши млади луѓе кои одеа во Лондон, во потрага по работа и никогаш не врати никого, раскажува неговата сестра.

Потоа заминал во Монтреал, во Канада, за набргу да ги замени студените канадски зими со сончевите денови на Лос Анџелес. Во 80-тите години пристигнал во Тинселтаун (градот на блештавилото), што е всушност второто име на Холивуд и го пробивал својот пат меѓу елитата. Претходно работел во хотелите “Екселзиор” и во “Ермитаж”, но неговата ѕвезда блеснала и тој се зацврстил на позициите кога почнал да работи во ресторанот “Диаџилев”, во хотелот “Бел Ер”, во 1984 година. За време на своето тридецениско владеење тука, успешно ги шармирал најпознатите ноќни бдејачи во ЛА со својата голема умешност за решавање проблеми и со својата волшебна моќ да ја одржи забавата.

На пример, ако барот требало да се затвори, а Лајонел Ричи, Шон Пен и Бенисио дел Торо сакале уште да пијат, Димитров ставал шише вотка на мраз и ги преместувал во луксузен апартман. Ако требало да се направи се за тоа моделот со кој излегувал Том Круз (пред Кејти Холмс) и неговата поранешна партнерка, актерката Пенелопе Круз, да не се сретнат, тогаш Димитри успевал да го направи и тоа.

Во центарот на холивудската елита 

Во 2006 година Димитри бил регрутиран како менаџер од страна на сопственикот на “Холивуд Сансет Тауер хотел”, Џеф Клајн.

Кога Клајн го отворал хотелот, неговите пријатели Мич Глејзер (филмски сценарист, продуцент и актер) и Том Форд (супер згодниот дизајнер кој се испроба и како режисер на американскиот филм “Сингл мен”), му кажале дека за да успее, ќе му треба еден важен играч. Тој играч бил токму Димитри. Неговата работа не е лесна, никогаш не оди дома пред 4 сабајле, но среќен е што може да биде дел од оваа славна заедница. “Холивуд Сансет Тауер хотел” е близу до број 1 кога станува збор за храна и услуга, но е дефинитивно број 1, кога станува збор за составот на клиентите. Многу е тешко да се дојде до место таму.

– На пример, тука не поминува славата на Бритни Спирс, па таа, заради своето контраверзно однесување, не е добредојдена. Ниту Линдзи Лохан не е некоја голема ѕвезда за нас. Најважно ни е гостите да си поминуваат убаво и не е важно дали се тие ѕвезди или не. Некои од нив се мои големи пријатели. На пример, Јоаким Феникс, а пред да почине, и неговиот брат Ривер Феникс, потоа Шон Пен, Роберт де Ниро, Ненси Реган, Арнолд Шварценегер, Џорџ Клуни, Бил Муреј, Мики Рурк, вели Димитров.

Се случува, раскажува Димитри, Бред Греј да седи на едната маса, Џони Деп на другата, и покрај нив да прошета Шон Пен, и сето тоа во една иста вечер. Според него, клучот за нивната успешност и за тоа што сите тие познати имиња се нивни клиенти е во дискрецијата. Повеќе од 90 проценти од резервациите овде се прават под псевдоними.

Токму тоа е причината зошто Џенифер Анистон е постојан гостин, и тоа, без нејзиниот телохранител. Исто така и Кејти и Том, во времето додека се уште беа двојка, Бред и Анџелина, Мик Џегер, Џеки Колинс, Џорџ Клуни, Ненси Реган, Кирстен Данст, Ева Мендес, Дру Баримор, Том Форд, Анџелика Хјустон и Џони Деп, како и најпознатите продуценти, агенти и сите други важни имиња во градот.

На “Ти” со Де Ниро и Шон Пен

Сите тие познати личности знаат дека Димитров е Македонец. Де Ниро во една пригода му раскажал за своето патување во Скопје, во 1963 година, по катастрофалниот земјотрес и му го опишал часовникот пред Музејот на град Скопје кој го покажува времето кога се случил земјотресот. Според раскажувањата на Де Ниро, оваа посета на Скопје имала големо влијание врз него и сликата на запрениот часовник се уште е во неговата меморија. Со Шон Пен, пак, Димитри пријателува веќе 30 години. Димитров не е заслепен од славата на сите овие ѕвезди и важно му е само сите тие тука да се чувствуваат добредојдени и да имаат убаво искуство.

– И редовните гости се важни, не мора да се ѕвезди, за мене, сите се ВИП, вели Димитри.

Тој се гордее што ја завршил старата школа и смета дека нема ништо застарено во добрата услуга.

Омилена маса за секој гостин

Дел од работата на Димитров е да им овозможи на Шон Пен и на Том Круз да бидат среќни, се додека пристигаат испораките од „МекДоналдс“ во три часот после полноќ, но исто така, и да ја сложи сложувалката од неговите важни клиенти и сите тие да можат да седнат на своето омилено место.

Тука, во “Тауер бар”, на масата од која има убав поглед на градот сака да седи Џенифер Анистон. Мич Глејзер, пак, ја добива својата маса во позадината, а Том Форд сака да седи на столица која е свртена накај градот. Оваа работа не е воопшто лесна затоа што клиентелата на Димитров претставува најголем дел од сложувалката. Постојани гости во “Тауер Бар” се голем дел од холивудската елита, како актерите Јоакин Феникс, Пенелопе Круз, Шон Пен, Кели Линч, па Мич Глејзер и Оливер Стоун. Некогаш тука може да се види Никол Кидман како вечера на едната маса, а Брајан Лоурдс на другата.

Сопственикот на “Сансет Тауер бар”, Џеф Клајн е среќен што има таков соработник како Димитров. Во интервјуата за американските медиуми, тој честопати изјавува дека е тешко да се најде некој со таков уникатен карактер кој ќе направи сите тие важни личности да се чувствуваат како дома. Според него, Димитри е токму таков, “чудо на природата”.

– Можете да ме најдете тука шест вечери во неделата, понекогаш и седум, како вистински домаќин. Границата кога сум вклучен и исклучен, е маглива. Јас не сонував да работам ништо друго освен ова што го работам сега, па слободно можам да кажам дека сите мои соништа се остварени, вели тој.

Верува во добрината и во тоа дека кога е некој пријатен, тогаш сите проблеми можат да се надминат.

Неофицијален амбасадор на Македонија

Себеси се смета за неофицијален амбасадор на Македонија.

– Доволно е што секој од нив ме прашал од каде сум, за името на Македонија да се споменува доволно често во највисоките кругови во Холивуд. Одвреме навреме комуницирам со мојата пријателка Љубица Ацевска, која порано беше во македонскиот Конзулат во ЛА, и таа го вели истото. Помагам и во Филмскиот фонд на Македонија со контакти и горд сум што можам да помогнам, но и што на сите тие познати луѓе можам да им кажам дека сум од Македонија, вели нашиот Димитри Димитров.

Во изминатите 40 години, дошол во Македонија во неколку наврати. Пред десетина години починала неговата мајка на која тој и купил куќа во Охрид, па сега во Скопје ги има својата сестра, помалиот брат и внуците. Повеќето од нив го посетиле во Америка, а од неодамна ќе можат да го сторат тоа и во неговиот нов дом, во самото срце на Холивуд.

Прегледи:
498
Објавено на:
24.02.2016