Категории

Македонскиот цртан филм „Прасето кое сакаше да биде птица“ меѓу 20. најдобри во светот

Македонскиот цртан филм „Прасето кое сакаше да биде птица“ е финалист на најпрестижниот светски фестивал за детска телевизиска продукција „Prix Jeunesse International“. Од 400 пријавени детски програми од 60 држави во светот, овој филм влезе во дваесетте финалисти во категоријата на играни програми за публика до шест години.

Цртаниот филм го создаде креативниот тим на НВО „ОХО“. Продуцент е Пеце Талески, сценариото и режијата е на Елеонора Венинова, а анимацијата на Симон Стојановски и Диме Ѓорѓиевски. Илустрациите се на Тхе Мичо, а музиката е на Мите Димовски.

Фестивалот „Prix Jeunesse International“ или Оскарите за детска ТВ продукција, како што го нарекуваат во светот, се одржува 50 години во Минхен. Последните десет години, Македонија преку „ОХО“ е единствениот финалист од Балканот во која било од шестте категории.

Во изборот на финалистите учествуваа претставници на најпрестижните светски медиуми од ББС, ЗДФ, како и Австралиската телевизиска фондација, продуценти на големи продукции и анимациски студија како Ва Да Да, Зумабстицо од Чиле, Ок Манки од Данска… Досега во финалисти биле и популарните детски програми: „Маша и Медо“, „Улицата Сезам“, „Графало“, „Телетабиси“, „Дора истражува“…

„Прасето кое сакаше да биде птица“ досега беше емитуван на повеќе домашни и светски фестивали, како „Манаки“ во Битола, „Zlin Film Festival“ во Чешка, „Seoul Guro International Kids Film Festival“ во Јужна Кореја.

Претставници од тимот на „ОХО“ ќе присуствуваат на фестивалот во мај 2016, кога ќе биде и прогласувањето на победниците во секоја категорија.

Прегледи:
516
Категории:
Филмови и серии
Објавено на:
09.02.2016