Категории

Машки изговори за некористење на кондом и како да одговорите на нив

Колку и да е шармантен, секси и неодолив, ако партнерот одбива да стави кондом пред сексуален однос, најдобриот ваш избор е да му одолеете да искушението и да ја одложите интимната игра, особено ако се работи за партнер со кого не сте заедно долго време.

И покрај тоа што е јасно дека кондомите се најдобриот начин за заштита од инфекции, сексуално преносливи болести и несакана бременост, многу мажи пронаоѓаат најразлични изговори за да ја избегнат употребата на презерватив. „Скапи се“, „Го намалуваат задоволството“, „Ја уништуваат спонтаноста“, „Ќе излезам пред да свршам“… изговори колку и да сакате. Во една таква ситуација кога мажот одбива безбеден секс, останува на вас да застанете цврсто на ставот дека не треба да продолжите без заштита.

Еве кои се најчестите машки изговори за неупотребување на кондом, како и потенцијални одговори од ваша страна:

1

Тој: „Кондомите се скапи. Зошто да фрламе пари за ништо?“

Вие: „Тоа не се фрлени пари. Здравјето е поважно од сè и знам и дека не сме спремни за дете. Х денари не се ништо, а така ќе ми биде помирна главата и нема секогаш да паничам кога ќе ми доцни.“

Кондомите се многу поевтини од посетите на гинеколог за лекување на инфекција или болест, а уште поевтини од растењето на бебе. Наредниот пат кога ќе бидете излезени, напијте се една пијачка помалку и ќе заштедите доволно. Ако сепак финансиите се главниот проблем, искористете ги акциите кои се организираат, а за време на кои бесплатно се делат кондоми.

2

Тој: „Не ми веруваш дека немам болест? Здрав сум.“

Вие: „Не станува збор за доверба. Многу луѓе имаат инфекција или СПБ, а не се свесни за тоа бидејќи немаат симптоми. Освен тоа, не се работи само за болести. Бременоста исто така ме плаши.“

Ако вашиот партнер изгледа здрав, тоа не значи дека навистина не носи некоја инфекција. Кај 50% од мажите и над 70% од жените кои имаат хламидија не се појавуваат никакви симптоми и најголем дел од нив не знаат дека имаат таков проблем. Не заборавајте дека довербата не се гради со некористење на кондом. Кондомите отпаѓаат од игра дури откако ќе биде изградена силна доверба во врската. А и во тој случај, останува ризикот од несакана бременост.

3

Тој: „Со кондом ништо не чувствувам. Се губи задоволството.“ / „Кондомот ми влијае негативно на ерекцијата.“

Вие: „Кондомите се неопходно „зло“. И мене ми се уништува задоволството ако цело време размислувам дали ќе забременам. Со кондом ќе бидам порелаксирана и верувај дека и тебе ќе ти биде поубаво ако сум поопуштена.“

Денес постојат најразлични марки кои нудат кондоми со различни големини, дебелини, вкусови… Ако вашиот партнер се жали дека гумичката му го убива задоволството, побарајте ултра-тенки кондоми. Доколку вашиот партнер има проблем да ја одржи ерекцијата кога носи кондом, помогнете му со визуелна, рачна или  орална стимулација. Бонус за мажите е што многумина со кондом издржуваат подолго и полесно можат да ја контролираат ејакулацијата, па сексуалниот однос трае подолго.

4

Тој: „Само еднаш. Ќе купам наредниот пат, ветувам.“

Вие: „Еднаш слатко, цел живот татко.“

Доволно е само еднаш да го прескокнете безбедниот секс за да станете родители или да добиете некоја инфекција. Не „паѓајте“ на изговорот „само еднаш и нема повеќе“.

5

Тој: „Кондомите ја убиваат спонтаноста и го уништуваат моментот.“

Вие: „Ставањето на кондомот не мора да е непријатно искуство. Ќе го направиме забавно.“

За да не се чувствувате „прекинати“, чувајте кондом на дофат на рака. Додека тој го става кондомот, вие можете да потанцувате пред него, да се допирате заводливо или да го бакнувате страсно. Така нема да гледате на ставањето на кондомот како на несексапилна активност.

6

Тој: „И онака може да пукне. Зошто да се мачиме?“

Вие: „И сепак, кондомите се најефективниот метод за заштита од бременост и СПБ и во најголем дел од случаите не се кинат ако се употребуваат правилно.“

7

Тој: „Не ни треба кондом. Ќе излезам пред да свршам.“

Вие: „Да, но јас цело време ќе бидам напната и нема целосно да можам да му се предадам на задоволството. Освен тоа, сигурно знаеш дека може да се забремени и од предсемената течност.“

8

Тој: „Кондомите ме стегаат.“

Вие: „Можеби не си навикнат. Ако ти е проблем, ќе пробаме со друга марка.“

Навистина, ако кондомот е мал, на вашиот партнер ќе му биде многу непријатно и тешко да ја одржи ерекцијата. Но, затоа денес има кондоми со различни модели и големини. Сепак, ова е машки изговор кој често не држи вода, бидејќи кондомите многу се растегнуваат.

Креативниот машки ум може да смисли најразлични изговори. Може да се случи да слушнете и:

  • „Алергичен сум на кондоми“ – ова е вистина само за мал процент од мажите, другите едноставно си ја пробуваат среќата.
  • „Ако ме сакаше и ми веруваше, немаше да ме принудуваш да ставам кондом.“
  • „Никој од моите другари не користи, па сè е ОК“ – туѓата неодговорност не треба да ви служи како изговор и вие да се однесувате ризично.
  • „Не си плодна во овој период од месецот.“
  • „Свршив пред да излезам, сега е безбедно.“

Не се срамете да разговарате со вашиот партнер за користењето заштита. Сепак, ако го  разголувате своето тело пред него, значи сте доволно блиски за да можете да разговарате на таа тема. Тоа не е срамен, туку разумен разговор. Тоа значи дека вие се почитувате себеси и своето тело и дека сакате да останете заштитени и здрави.

Прегледи:
391
Објавено на:
02.12.2016