Категории

Меша Селимовиќ: Чуден свет, те озборува, а те сака, те бакнува во образ, а те мрази

Паметни се овие луѓе. Го прифаќаат неработењето од Истокот, убавиот живот од Западот, никаде не брзаат, бидејќи самиот живот брза, не ги интересира да видат што е позади утрешниот ден, ќе дојде тоа што е одредено, а од нив малку зависи, заедно се само во неволјите, затоа и не сакаат често да бидат заедно, ретко кому му веруваат, а најлесно е да ги излажете со убав збор.

Не личат на јунаци, а најтешко е да ги уплашите со закана, долго време не обрнуваат внимание на било што, сеедно им е што се случува околу нив, а потоа одеднаш сѐ почнува да ги засега, сѐ испревртуваат и вртат на глава, па повторно стануваат спијачи и не сакаат да се сеќаваат на ништо од она што се случило, се плашат од промени бидејќи им донеле зло, а лесно им здосадува секој човек макар и да им прави добро.

Чуден свет, те озборува, а те сака, те бакнува во образ, а те мрази, живее во надеж и страв и не знае што е посилно и кога. Лоши, добри, благи, сурови, неподвижни, отворени, прикриени, сѐ тоа се и нешто помеѓу. А на врвот на сѐ мои се и јас сум нивни, како река и капија, и сѐ што говорам како за себе да говорам.

Зарем сме ние случајно вака премногу меки и премногу сурови, разнежнети и тврди, весели и тажни, подготвени секогаш да изненадиме секого, па и себе? Зарем случајно се заколнуваме на љубов, единствената извесност во оваа неодреденост? Зарем без причина го пуштаме животот да поминува преку нас, зарем без причина уништуваме? А зошто го правиме тоа? Затоа што не ни е сеедно. А кога не ни е сеедно, значи дека сме чесни. А кога сме чесни, секоја чест на нашата лудост!