Категории

Милена Антовска: Би сакала да не постојат злобата и завидливоста!

Секогаш насмеана и ведра. Токму така го пречекува секој граѓанин во утринската програма на телевизијата Канал 5. Нејзината природна убавина и силната желба за успех, како и фасцинантноста како секое утро да се биде свеж и подготвен со сите информации, не натера да ја имаме во модниот проект „Fashion in Skopje“, водителката Милена Антовска.

Нина: Како започна твојата приказна со водителството на телевизијата Канал 5?

Милена: Секогаш ми доаѓаат убави мисли и емоции кога ќе ми го постават ова прашање, затоа што со радост се сеќавам и навраќам на моите почетоци. 13.07.2009 година прв пат застанав во студиото на „Здраво Македонијо“ и им кажав добро утро на гледачите. Сосема случајно и спонтано започнав да работам како водителка, но не случајно запливав во телевизиските води, затоа што сум дипломиран новинар. Неколку месеци пред да станам дел од утринската програма работев како новинар во информативната редакција во Канал 5 и тогаш можам да кажам дека ја почувствував љубовта кон оваа професија која што трае до ден денес.

Нина: Секое утро стануваш рано зашто те очекува нов предизвик. Со оглед на ангажманите и утринските работни обврски, за таков чекор, сигурно мора да ја сакаш работата.

Милена: Само со љубов кон работата и посветеноста кон истата може да се постигне успех. Само ако го сакаш тоа што го работиш можеш да ги поминеш сите препреки и да одговориш на сите предизвици. За мојата професија жртвувам многу, но исто така и многу добивам. Кога на крајот од денот ќе си легнам со мирна глава, насмеана и задоволна од завршените работни обврски, сфаќам дека тоа е вистинското нешто.

Нина: Што претставува среќа за тебе?

Милена: Луѓето знаат да кажат дека среќата е релативна работа. Да, веројатно е така. Среќна сум кога наутро ќе се разбудам и ќе го видам и почувствувам новиот ден, кога нема причина за тага на моето лице, кога знам дека сум способна да направам се што треба, кога знам дека јас и моите најблиски сме здрави, насмеани и исполнети на секое поле. Среќна ме прават мали нешта, на многу ситници знам да се радувам како мало дете.

Нина: Што може да ти ја измами насмевката кога најмалку ти е до тоа?

Милена: Среќна сум што сум опкружена со позитивни луѓе, па најчесто тие можат да ме насмеат, а и моето кученце кое често го споменувам кога ме прашуваат кој и што ме смее и ме прави среќна.

Нина: Се вметнуваат многу модели и трендови кои често се наоѓаат на листата парчиња кои мора да се поседуваат. Колку ти ја следиш модата?

Милена: Ја следам до оној момент кога тоа што е во тренд му прилега на мојот стил, на моето тело и мојот вкус за облекување. Не сакам по секоја цена да носам што во тој момент е модерно. Пред се, најважно е ставот на една жена и на каков начин се носат парчињата облека. Да е е женствено, пристојно, а не вулгарно.

Нина: Дали мислиш дека се уште постојат дамите во Скопје?

Милена: Постојат, да. За среќа ги има. Може не толку многу колку што би сакала да има, но постојат и познавам такви и секогаш со задоволство ги гледам и разговарм со нив.

Нина: Сведоци сме на младата популација, а и на постарата. Живее ли се` уште моралот?

Милена: Се е некако променето и многу граници се поместени. Некогаш тоа е добро доколку промените се на подобро, но кога станува збор за моралот тогаш не можам да кажам дека е така. За жал, моралот и моралните вредности се сведени на минимум.

Нина: Што е она што би го сменила кај луѓето, а би посеала нешто ново?

Милена: Би сакала да не постојат злобата и завидливоста. Секој да си ја гледа својата работа, своето семејство, своите обврски. Да нема луѓе кои сакаат да ги живеат туѓите животи, луѓе кои се ситат на туѓата несреќа, а се тажни кога некој друг е среќен. Би посеала многу повеќе насмевки и позитивна енергија.

Нина: И за крај, една порака до сите читатели на порталот Среќа.мк?

Милена: Да се радуваат на животот, да му се насмевнуваат на секој нов ден, да уживаат во секој момент, во секој миг…Да трагаат по тоа што ќе ги направи најсреќни на свет, нешто за што ќе живеат и творат и кога ќе го најдат тоа нешто никогаш да не го пуштат да си замине. Да не се откажуваат при првата препрека во животот и секогаш да веруваат дека ги  чека нешто убаво.  Да читаат  Среќа.мк, да слушаат убава музика, да читаат добри книги, да спортуваат и да уживаат во животот!

Фризура: Studio Urban Artist (Милена Цапов)
Шминка: Небојша Пешевски
Облека: Butik Infinity (Емилија Пенова)
Фотограф: Николина Славковска
 Интервјуто го направи: Николина Славковска
Прегледи:
1018
Објавено на:
27.05.2016