Категории

Најстарата жена на светот слави 117 години

Во 1899 година создаден е еден од најтрофејните фудбалски клубови – Милан од Италија. Истата година родена е и Ема Морано, која денес слави 117 години.

Морано е родена на 29.ноември 1899 година во Италија, и се смета за најстарата жива жена на светот. Од осум деца, таа била најстарата во семејството, а ги надживеала сите нив.

Како што раскажува таа, нејзиниот долг животен век главно се базира на генетика. Нејзината мајка живеела 91 година, а целото семејство се хранеле со здрава диета од три јајца секој ден изминативе 90 години.

Оваа диета започнала по Првата светска војна кога лекарите и дијагностицирале анемија. Денес користи само две јајца на ден и неколку бисквити.

– Ема отсекогаш јадела многу малку зеленчук и овошје. Кога ја запознав, таа јадеше три јајца на ден, две живи наутро и потоа омлет напладне и пилешко навечер, објаснуваат нејзините лекари.

Ема Морано смета дека нејзиниот долг животен век се должи и на тоа што го избркала својот сопруг во 1938 година, една година по смртта на своето бебе.

Ниту бракот не и бил во добра состојба. Таа била заљубена во момче кое било убиено во Првата светска војна и не сакала да стапи во брак со некој друг. Но сопругот кој го избркала, како што вели таа, буквално ја уценил на брак.

– Ми рече: Ако си среќна ќе се омажиш за мене, ако не ќе те убијам. Имав 26 години тогаш, раскажува Морано во интервју кое го дала на 112 години.

Во Вербаниа во Италија, во нејзина чест се одржува музички перформанс, раскажувајќи ја нејзината животна приказна.

Писателите на овој перформанс велат, станува збор за приказна која ја претставува женската храброст против семејното насилство.

Прегледи:
356
Објавено на:
29.11.2016