Категории

Направи сам: Делотворни маски за нега на раце и стапала во домашни услови

Студените денови се зад нас, но тие оставаат трага врз нашата кожа особено на рацете и нозете. Освен тоа, поради новонастанатата ситуација, рацете уште повеќе се изложени на пукање и сушење бидејќи постојано ги миеме и дезинфицираме со средства на база на алкохол. Сега кога имаме доволно време да се посветиме на себеси и негата на нашето тело, студиото за убавина La Sensa ви препорачува неколку релаксирачки третмани за раце и нозе со производите кои веќе ги имате во домот.

Маска за раце од компир

Иако компирот не е честа состојка во домашните маски, овој пат може да ви помогне многу. Оваа маска ќе биде посебно делотворна ако имате проблем со пигментацијата на кожата на рацете, или доколку кожата почнува да ги покажува првите знаци на стареење. Маската од компир ќе да осветли и затегне кожата, а исто така помага и во избелувањето при хиперпигментација.

Состојки:

  • 2 поголеми компири
  • млеко

Сварете ги компирите, изгмечете ги со вилушка и додадете млеко, па сето тоа соединете го со миксер. Количината на млеко зависи од големината на компирите, но треба да биде доволно за да се добие изедначена паста. Измијте ги рацете, а потоа нанесете ја маската додека е сѐ уште топла. Нека отстои на рацете додека не се олади, а потоа измијте ги и нанесете хидратантна крема.

Маска за стапала од овесни снегулки

Овесот е една од омилените состојки во домашни услови за нега на кожата затоа што интензивно ја хидрира и омекнува оштетената и чувствителна кожа. Затоа, ова е вистински рецепт за дамите кои ги запоставиле стапалата во текот на студените денови.

Состојки:

  • 2 шолји овесни снегулки
  • 1 шолја брашно
  • 1/2 шолја мед
  • 1/2 шолја маслиново масло

Ставете ги сите состојки во сад и добро измешајте со лажица додека не добиете изедначена смеса. Ако биде премногу ретка маската, додадете уште малку овесни снегулки, а ако е премногу цврста, ако не може убаво да се размачка, додадете масло. Може да ставите неколку капки есенцијално масло по желба поради убав мирис. Кога е маската подготвена, потопете ги нозете во купката за да ви омекне кожата, а потоа направете пилинг за да се ослободите од мртвите клетки. Стапалата исушете ги со пешкир и нанесете ја подготвената смеса. Најдобро е ова да го направите во када. Оставете ја маската да делува 20-30 минути, а потоа измијте ги и нанесете богата крема.

Маска од авокадо за стапала и раце

Овој рецепт е подеднакво добар за рацете и за стапалата. Авокадото е познато по хранливите состојки и бенефити за нашата кожа и коса.

Состојки:

  • 1 авокадо
  • 2 лажици мед
  • 1 лажица маслиново масло
  • 1 лажица јогурт
  • 10 капки етерично масло

Авокадото пресечете го на половина, извадете ја семката и со лажичка извадете го „месото“ од ова овошје, па потоа изгмечете го со вилушка, додадете ги останатите состојки и промешајте или сѐ заедно ставете во блендер. Нанесете ја смесата на чисти стапала и раце, замотајте ги во пластична кеса и оставете да делува 15 минути. Кожата ќе биде мека и нежна откако ќе ја измиете маската, но сепак нанесете крема на крај.

Хидратантен третман за раце од бадемово масло

Ова е убедливо наједноставниот рецепт, но многу делотворен. бадемовото масло ќе им ги обезбеди на вашата кожа и ноктите неопходните витамини и хранливи материи. Ова е совршен третман за рацете кои претрпеле сериозно сушење и им е потребна дополнителна нега и хидратација.

Состојки:

  • Бадемово масло

Бадемовото масло не е ни скапо, може да се купи во секоја аптека, а за овој третман ви е потребна многу мала количина. Намачкајте ги рацете и ноктите со една лажица бадемово масло, а потоа замотајте ги во мали пешкири. Оставете го да делува околу пет минути, па избрешете го вишокот масло. Не ги мијте рацете, туку оставете кожата да впие уште малку хранливи состојки.

Останете негувани, обезбедете им ја потребната нега на рацете и нозете и во домашни услови, а студиото за убавина La Sensa ви стои на располагање за сите потребни совети, а наскоро по завршувањето на вонредната состојба ќе имате можност да добиете професионална нега и третмани од тимот на La Sensa.