Категории

Нови имиња на Д Фестивал 2023: SMUT слават голем јубилеј на Главна бина, Мими Мерцедез пристигнува на Lake Awake!

Најголемиот летен музички фестивал во Македонија, Д Фестивал, продолжува со претставување на музичките изведувачи кои ова лето ќе застанат на фестивалските бини во Дојран од 30 јуни до 2 јули 2023! Следните два потврдени изведувачи, хардкор бендот „SMUT“ (Смат) и раперката Мими Мерцедез доаѓаат од различни страни на музичката индустрија, но се подеднакво добро познати и почитувани во регионот.

За еден од најценетите македонски метал-кор бендови во регионот и Европа – „SMUT“, секогаш има резервирано место на Главната бина на Д Фестивал. Но, годинава овој настап е од особена важност бидејќи воедно е и голема прослава на нивниот голем јубилеј 25 години кариера. Соодветното одбележување на ваков момент беше спречено од пандемијата, поради тоа и се чекаше за најдобрата можна прилика за веројатно најверната фан-база кај нас да има достоинствена прослава со своите фаворити. Формирани во 1996, „SMUT“ први ја претставуваат метал-кор музиката на македонската сцена и денеска се препознаени како основоположници на овој музички стил во регионот.

Покрај оваа титула „SMUT“ исто така се препознатливи по својата врвна изведба и експлозивен звук, кои прават нивните концерти да се едни од најпрофесионалните изведби кај нас. Со стотици концерти низ годините, публиката постојано е воодушевена со секој нов концерт, а нивната сценска енергија и автентична атмосфера на заедништво се прераснати во трејдмарк на „SMUT“.

Од друга страна, Дојран годинава ќе биде буден до зори поради Милена Јанковиќ, подобро позната како Мими Мерцедез, која е првиот потврден изведувач на „LAKE AWAKE“ (Лејк Авејк) бината на Д Фестивал. Со нејзиното деби во 2011 година таа е една од првите раперки на српската музичка сцена и денеска е исто така и една од најуспешните и истакнати претставнички на жанрот.

Во својата дискографија таа има пет студиски албуми, од кои нејзиниот втор албум „Našminkam se i pravim haos“ е моментот кога таа влегува во меинстрим сцената со хитови кои денеска бројат милиони прегледувања на музичките платформи. Оттаму таа го има запечатено своето место на музичката сцена во регионов и продолжува да создава музика која е тешко да се заборави, а нејзината доминација кога е на бина гарантира луда и незаборавна забава на  Д Фестивал.

Најголемиот летен музички фестивал кај нас, Д Фестивал ова лето ќе се одржува во Дојран од 30 јуни до 2 јули. Започнато е откривањето на музичките изведувачи кои ќе се потпишат зад годинашното, тринаесетто издание, а покрај македонските метал-кор легенди „SMUT“ и најистакнатата српска раперка Мими Мерцедез, претходно беше најавен и настапот на глобалната псај-техно ѕвезда Индира Паганото која премиерно ќе настапи во Македонија.

Влезниците за Д фестивалскиот викенд се веќе во продажба со Ран Корморан акцијата т.е  со нивната најповолна цена од 1.100 денари за тридневен фестивалски билет, или 1.200 денари за тридневен фестивалски билет кој вклучува и камп-место. Билетите како и сите информации за Д Фестивал се достапни на официјалната веб-страница dfestival.mk .

 

 

 

Прегледи:
298
Објавено на:
20.03.2023