Десетгодишниот Алекса Кукуљ, ученик во четврто одделение во едно основно училиште во Качарево, Србија, во петокот за прв пат на училиште дошол со трицикл кој му го купиле неговите другарчиња, ученици, кои собирале отпад за да успеат во својот хуман гест.
Целата акција ја предводела нивната наставничка, Бранка Давидовиќ, која е добро позната во хуманитарните дела. Години наназад, нејзините ученици освојуваат награди на разни проекти кои се поврзани со собирање отпад и заштита на животната средина.
Алекса многу го посакувал овој трицикл. Неговите другари оваа година ќе одат на велосипедијада, организирана од страна на училиштето во Качарево, а тој поради болеста не е во можност да учествува во овие акции. Но, сега со својот трицикл добил шанса да им се придружи.
„Не сме сигурни дали ќе успее да вози со велосипедистите до крајната дестинација – Црепаје, но овој трицикл сигурно ќе му овозможи полесно да доаѓа на училиште“, објаснила наставничката Бранка.
Во училишниот двор, учениците по овој повод организирале и мала свеченост. Кифлички, сокови, а другарчињата го дочекале Алекса кој пристигнал на својот трицикл, дувајќи балони од сапуница. На сите страни можела да се почувствува позитивна енергија. А сето ова започнало со собирање отпад.