Категории

Оркестарот на Филхармонија ќе одржи концерт насловен како „Виолински класици“

„Виолински класици“ е насловен концертот на оркестарот на Филхармонија кој ќе се одржи в четврток во 20 часот. Како солист ќе настапи виолинистот Александар Димчевски, а диригент е Румон Гамба од Велика Британија. На програмата се увертирата „Земја на планина и поплава“ од Хамиш Меккан, Концертот за виолина и оркестар од Макс Брух и Симфонијата број 7 од Антонин Дворжак.

Британскиот диригент Румон Гамба, во својата досегашна кариера, бил на неколку значајни позиција, меѓу нив и шеф-диригент и музички директор на Шведската оперска компанија Норланд опера (2008–2015), шеф-диригент на Алборг симфонискиот оркестар (2011–2015), како и шеф-диригент и музички директор на Симфонискиот оркестар на Исланд (2002–2010). Маестро Гамба особено се фокусира на современата музика и неговото име стои зад светските премиери на „Две момчиња“ на Нико Мулеј во Англиската национална опера, Концертот за виола на Брет Дин со Би-би-си симфонискиот оркестар, националните премиери на „Танцувач во ноќта“ на Пол Рудерс, „Крв на подот“ од Марк Ентони или „Скерцоид“ со Норланд опера, како и австралиската премиера на оригиналната верзија на Симфонија бр. 5 од Сибелиус…

Виолинистот Александар Димчевски се етаблира како сестран уметник, настапувајќи како солист, камерен музичар, како концерт-мајстор, но и како педагог. Роден е во Франција, во руско-македонско семејство, а виолина почнал да учи со својот татко, реномираниот уметник Благоја Димчевски, поранешен ученик на Јуриј Јанкелевич, продолжувајќи го традиционалното руско училиште за свирење на виолина. Од 2016 година, Димчевски е концерт-мајстор во Унгарската државна опера, а од 2018 година го води и Камерниот оркестар Hohenems Arpeggione. Гостин концерт-мајстор е и во оркестри во Франција, Германија и Данска, каде што, како и во Унгарија, постојано држи мастер-часови. Александар Димчевски во моментов свири на виолина од 1754 година, изработена од Карло Фердинандо Ландолфи.

Увертирата „Земја на планина и поплава“ (1887) премиерно ќе биде изведена на македонската сцена, а нејзиниот автор, шкотскиот композитор Хамиш Меккан (1868–1916), најголемата популарност, всушност, ја стекнал токму со ова дело. Во 1970-тите години, увертирата беше искористена во шкотската ТВ-серија „Законот на Сатерленд“, која ја продуцираше Би-би-си и, на некој начин, неговото име повторно почна да се слуша во јавноста. Музиката на Меккан е романтичарска и во неа се чувствува силно влијание од она што го креираа неговите претходници како што се Дворжак, Менделсон, Григ, па и Вагнер.

Виолинскиот концерт во ге-мол е најизведуваното и најпознатото дело на германскиот композитор Макс Брух (1838–1920), иако тој зад себе оставил голем број други импресивни творби, кои претежно ги обликувал со боите на народните песни за кои особено се интересирал. Но, поради нивната еклектичност, тие не се одржале на сцената.

Симфонија бр. 7 поседува богатство од тематски идеи – од темни и мрачни до пасторални, со прекрасни мелодии што ја дефинираат целокупната атмосфера. Во адаџото посебно се чувствува „луцидноста на постигнатата слава“ и овде има најмногу

лични параграфи и затоа е помеланхолично, додека скерцото е специфично по ритмиката која носи контраст и питорескност на еден фолклорен начин, но и богат развој и екстензија која плени. Се смета за структурно најамбициозна симфонија на Дворжак, иако неговата Деветта е најпопуларна.