Категории

Бидете здрави и активни: На 22. септември започнува Европската недела на спортот!

Последната недела од септември, од 22. до 29. септември, ќе го означи почетокот на многу дружење, рекреација и спортски активности во склоп на Европската недела на спортот во Македонија во организација на Агенцијата за млади и спорт. Недела исполнета со многу активности, можност за интеракција, спортување и одржување на физичката кондиција. 

Како и минатата година, така и оваа, сите љубители на спортот и спортските активности ќе имаат можност да бидат дел од Европската недела, пронаоѓајќи го своето омилено хоби или пак запознавајќи се со некоја нова активност која ќе им го привлече вниманието.

Секој ден од претстојната недела ќе биде исполнет со различни активности:

На 22. септември со почеток во 11 часот започнува настанот „Opening Day“ на плоштадот Македонија, каде што присутните ќе можат да ги проверат своите вештини во играњето кошарка, вртење хулахоп, скокање на јаже и играње фудбал. Активностите ќе се одвиваат истовремено, а на тој начин ќе се создаде голема забава и можност за рекреација на еден поинаков начин.


На 23. септември во 18 часот ќе се одржи велосипедската трка „Be Active Sport Village – Bicycle Race“. Возењето велосипед претставува една од најефикасните кардиоваскуларни вежби. Покрај многубројните здравствени придобивки овој спорт е забавен и интересен. Бидете и вие дел од рекреативната велосипедска трка.

Европската недела на спорт го поттикнува здравиот и активен животен стил кај најмладите кои честопати поминуваат преголем дел од своето слободно време пред телефоните и компјутерите. Затоа амбасадорите на кампањата BeActive 2019, под мотото „Биди Активен, Биди Здрав“ ќе ги посетат првачињата, најмалите, на 24. септември во 10 часот, покажувајќи им на најмладите колку можат да бидат рекреативни и активни наместо статични во текот на денот. Секој од вас може да биде дел од овој забавен ден во ОУ Партенија Зографски во Кисела Вода.


На 25. септември со почеток во 18 часот, на плоштадот Македонија ќе се одржи забавната активност „Масовно скокање на јаже“. Бидете дел од многубројните граѓани кои ќе ни се придружат на овој голем настан кој нуди активирање на целото тело, проверување на своите физички капацитети и најважно од сѐ многу смеа, забава и дружење!

На 27. септември со почеток во 18 часот, секој љубител на планинарењето и рекреацијата има можност да биде дел од настанот Осветли го Скопје. Бидете дел од ноќниот настан кој го осветлува целиот град. „Осветли го Скопје“ и Биди Активен при ноќното искачување на Водно. Одлична можност за рекреација, дружење и ново искуство.

Сакате да се запознаете со дисциплините не Кроссфитот? Или пак преферирате пилатес, карате, пинг понг, кошарка или некој друг спорт? Борис Трајковски е отворен за сите оние кои сакаат да спортуваат, да ги проверат своите капацитети и да учат нови вештини и диспциплини во спортовите. Пристап до 30+ спортски активности, можност за учество во мали натпревари многу забава и дружење за семејства и поединци. На 28. септември во 17 часот започнува настанот „Be Active Night“!

Европската недела на спортот завршува на 29. септември со „Be Active – Street Festival“. Со почеток во 12 часот, особено внимание ќе се посвети на здравата исхрана како предуслов за здрав и квалитетен живот! Во Дојран ќе се одржи Уличниот фестивал посветен на здравата храна и здравите навики. Бидете дел од овој настан и подгответе се за многу изненадувања!

Со поддржувањето на овој настан, заедно ќе докажеме дека се бориме за развој на спортот, здрав живот и квалитетна иднина за младите генерации. Останете здрави и активни!