Категории

Планирате бременост? – Овие навики најмногу го отежнуваат зачнувањето

Гинеколозите советуваат од кои навики да се откажете за да ја зголемите шансата за бременост:

Пушење
Пушењето кај жените го забрзува процесот на стареење на јајце клетките, што може да доведе до рана менопауза и да го зголеми ризикот од неплодност.

Некои истражувања покажуваат дека пушењето може да ја промени структурата и функцијата на сперматозоидите, но добрата вест е дека производството на сперма е постојано, па ако вашиот партнер денес се откаже од пушењето, штетата може да се намали.

Прекумерен внес на кофеин
Нема потреба целосно да се елиминира кафето, но намалувањето на бројот на шолји дневно е добредојдено. Истражувањата покажуваат мешани резултати за намалување на плодноста, но две шолји дневно се во ред.

Алкохол
Иако не е јасно колку алкохолот точно влијае на плодноста, истражувањата покажаа дека повеќе од две чаши дневно може да ја намалат плодноста и да го зголемат времето до зачнувањето. Ако планирате дете, пијте само повремено.

Премалку движење
Жените кои умерено вежбаат имаат малку поголеми шанси за зачнување од оние кои се недоволно физички активни. Најдобро е да започнете полека, а потоа постепено да го зголемувате темпото. За почеток, паркирајте го автомобилот малку подалеку и пешачете до вашата дестинација. Наместо лифт, користете скали.

Прекумерно вежбање
Умереното вежбање го фаворизира зачнувањето, но претераното вежбање може да има спротивен ефект. Едно од можните објаснувања за тоа е дека прекумерното вежбање може да доведе до сериозно губење на тежината и хормонална нерамнотежа, што може негативно да влијае на регуларноста на менструацијата.

Брза храна
Искуството покажува дека сите имаат корист од намалувањето на шеќерот и нездравата храна, како и зголемувањето на внесот на овошје, зеленчук и здрави масти. Урамнотежената исхрана ќе помогне во одржување на телесната тежина и регулација на инсулинот, што значително влијае на шансите за зачнување.

Хроничен стрес
Невозможно е да се елиминира целиот стрес од секојдневниот живот, но некои студии потврдуваат дека нивото на стрес влијае на можноста за зачнување, особено ако стресот е присутен подолго време.

Риба богата со жива
Некои риби содржат високо ниво на жива, што може негативно да влијае на развојот на фетусот и на можноста за одржување на бременоста. Ако планирате да забремените, избегнувајте риби како сабјарка, скуша, туна и ајкула.

БПА
Бисфенол А е хемиско соединение кое може да се најде во различни производи за домаќинството. Тоа е ендокрино нарушување, што значи дека може да влијае на хормоналните функции, особено на репродуктивните хормони.

Една студија покажа дека жените на кои им е дијагностицирана неплодност имаат значително повисоки нивоа на бисфенол А во крвта од другите жени. Повисоките нивоа на ова соединение во телото може да го намалат успехот на третманите за плодност. Избегнувајте чување или замрзнување храна во пластични садови, пиење од пластични шишиња и префрлете се на стакло.

Прегледи:
263
Објавено на:
18.07.2022